Достапни линкови

Премиера на Мизантроп на Турскиот театар на Охридско лето


Во предворјето на црквата „Света Софија“, Турскиот театар од Скопје утре вечер во 21 часот премиерно ќе го изведе молиреовиот „Мизантроп“ во режија на Драгана Милошевска Попов. Со оваа претстава започнува серијата премиери на македонските национални театарски куќи што е една од основните карактеристики на драмската програма на 53-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Дали поединецот во општественото живеење се трансформира и ја менува својата внатрешност, своето лично јас и се губи како индивидуа во сопствениот живот? Дали постанува нешто што воопшто и не личи на неговата внатрешност и неговиот карактер? Дали секојдневно мора да менува нова маска? Кои се причините кои што го доведуваат човекот да стане мизантроп?
Она што за нас беше клучно во овој процес беше прашањето што е она што во еден човек го буди поривот да стане мизантроп и што значи всушност тоа човекот да стане мизантроп. Дали е тоа вистинска омраза кон луѓето или потребата да се смени нешто на подобро.
Драгана Милошевска Попов, режисерка.

Ова се само некои од прашањата кои ги поставуваат режисерката Драгана Милошевска Попов и актерите на Турскиот театар во својот „Мизантроп“, работен главно според Молиеровото класично дело.
Режисерката Драгана Милошевска Попов.
Режисерката Драгана Милошевска Попов.

„Она што за нас беше клучно во овој процес беше прашањето што е она што во еден човек го буди поривот да стане мизантроп и што значи всушност тоа човекот да стане мизантроп. Дали е тоа вистинска омраза кон луѓето или потребата да се смени нешто на подобро. Дали е тоа општеството наспроти индивидуата која се обидува да се искаже или да го погледне светот низ еден друг диоптер. Се занимававме и со лицемерието, вистинското пријателство, со љубовта и со многу други прашања на кои се обидовме да најдеме различни одговори и да ги поставиме на различни нивоа“, вели Милошевска – Попов.
Барем 60 отсто од целокупната програма ќе бидат новосоздадени претстави кои во овој момент забревтано работат за да можат да бидат презентирани на „Охридско лето“. Ќе ја имаме младата режисерска струја во Македонија како што се Лука Кортина, Драгана Милошевска и Александра Кардалевска наспроти нивните професори – великанот на македонскиот театар Слободан Унковски и еден од најдобрите режисери кај нас Златко Славенски. Нивната естетика, сакале или не сакале, ќе биде компарирана и сето тоа се надевам на задоволство на фестивалската публика.
Ѓорѓи Јолевски, селектор на драмската програма на Охридско лето.

Инаку, по „Дундо Марое“ со МНТ во 2008 година, ова нејзе ѝ е втора премиера на „Охридско лето“ и трета претстава со Турскиот театар (претходно во оваа наша национална институција ги постави „Зад кулиси“ и „Леонс и Лена“), а говорејќи за актуелниот проект, таа дополнува дека во „Мизантроп“ се користени и басните на Лафонтен.

„Претставата е работена по мотиви на Молиер, но користени се и басните на Лафонтен кој што творел и живеел во исто време кога и францускиот класик и нивните животи се испреплетени во нашата поставка. Она што исто така ни е важно е и театарскиот живот во тој период, значи во 17 век, и сето она што можеме да го доживееме како некаква спона помеѓу минатото и она што денес го препознаваме“, вели таа.

Во „Мизантроп“ на Турскиот театар, улогата на Алсест ја толкува Селпин Керим, Селимена е Сузан Акбелге, Оронт – Џенант Самет, Филент – Неад Али, а играат и Билјана Јовановска, Фунда Ибрахим, Зиба Радончиќ, Аксет Мемет и Осман Али.

Драматург е Катерина Момева, сценограф Кире Василев (со кого Милошевска Попов пролетва ја работеше и „Пипи долгиот чорап“ во Театарот за деца и младинци“), костимограф – Елена Вангеловска, а музиката е на Ирена Поповиќ.

Од друга страна, по изведбата на „Кога бев мртов“ на Словенско народно гледалишче работена според бурлеска од Ернст Лубич и во режија на одличниот Диего Де Бреа, со „Мизантроп“ на Драгана Милошевска Попов и Турскиот театар почнува и серијата на премиери на домашните национални театри што како што ќе забележи селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски е една од главните карактеристики на годинешното „Охридско лето“.

„Барем 60 отсто од целокупната програма ќе бидат новосоздадени претстави кои во овој момент забревтано работат за да можат да бидат презентирани на „Охридско лето“. Ќе ја имаме младата режисерска струја во Македонија како што се Лука Кортина, Драгана Милошевска и Александра Кардалевска наспроти нивните професори – великанот на македонскиот театар Слободан Унковски и еден од најдобрите режисери кај нас Златко Славенски. Нивната естетика, сакале или не сакале, ќе биде компарирана и сето тоа се надевам на задоволство на фестивалската публика“, вели Јолевски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG