Достапни линкови

logo-print

Сведоштва - колку е опасно да се биде полицаец во Авганистан?


Полицаец во Авганистан.

Полицаец во Авганистан.

Ова прашање се актуелизира откако Министерството за внатрешни работи соопшти дека околу 300 припадници на локалните и националните полициски сили во Авганистан загинале во текот на еден месец. Бројот на жртви е зголемен за една петтина во споредба со истиот период лани. Имено годинава талибанските милитанти ги интензивираа нападите врз безбедносните сили во Авганистан.

Тројца авганистански полицајци раскажуваат за ризиците од нивната професија.

Јан Мухамед, 31 години, полицаец во Спин Болдак, провинција Кандахар:
Ќе останам со полицијата се додека мирот не се врати во мојата земја. Мирот за мене значи можност жителите на Авганистан да одат на училиште, на работа и да излегуваат на пазарите без ризик да бидат убиени. Би сакал да присуствувам на подобра обука во полициска академија во странство за да се вратам и да и служам на мојата земја.

Три години работам како полициски началник во Спин Болдак, една од најнемирните области во Кандахар. Инволвиран сум во воени операции и често гледам повреди и убиства. Ризикот од бомби поставени покрај патот се претвори во секојдневие за мене.

Пораснав во соседната провинција Хелманд, каде милитантите се присутни и активни. Во моето семејство имаше неколку полицајци. Јас не ни сонував дека ќе станам полицаец.

Започнав сопствен бизнис. Отворив мала продавница од која заработував доволно за мене, за сопругата и двете мали деца. Имаше и за родителите и помладите браќа и сестри. Еден инцидент ми го промени животот.

Пред мојата продавница се случи силна експлозија во која многумина загинаа. Пред експлозијата разговарав со неколку луѓе кои беа дојдени на семеен излет од градот Лашкаргах. Излетите се само дел од убавите работи во регионов. По неколку минути сите беа мртви.

После ова, отрчав дома и ја прашав мајка ми дали може да станам полицаец. За кратко време научив како да стрелам со огнено оружје.

Јас сум многу религиозен човек и многупати се прашувам дали донесов вистинска одлука.

Еднаш со мојот командант прислушувавме комуникации меѓу талибанските милитанти. Во разговорот тие ги нарекуваа полицајците безбожници. Разговараа за религиозни вредности. Тогаш се запрашав дали сум на вистинскиот пат.

Следниот ден организиравме операција против нив. Некои избегаа и се засолнија во куќа полна со жени. Подоцна пронајдовме дел од милитантите меѓу жените во женски алишта.

Тогаш сфатив дека има голема разлика меѓу тоа што милитантите го кажуваат и нивните постапки. Никогаш не гледав назад по тој настан.

Талибанците тврдат дека се борат против странци, но кога прв пат дојдоа во нашата земја пред 20 години, во Авганистан немаше безбожници и странци. Дури тогаш милитантите убија многумина – сите Авганистанци.

Ќе останам со полицијата се додека мирот не се врати во мојата земја. Мирот за мене значи можност жителите на Авганистан да одат на училиште, на работа и да излегуваат на пазарите без ризик да бидат убиени. Би сакал да присуствувам на подобра обука во полициска академија во странство за да се вратам и да и служам на мојата земја.

Насрулах Кутбудин, 45 години, полицаец во Кабул
Работам за авганистанската полиција повеќе од две децении. Гордост ми е да ја носам униформата поради која луѓето ме почитуваат. Како и да е, платата е добра. Почетната плата за млади полицајци е 300 американски долари што е пристојно примање за овие услови.

Работам за авганистанската полиција повеќе од две децении. Гордост ми е да ја носам униформата поради која луѓето ме почитуваат. Како и да е, платата е добра. Почетната плата за млади полицајци е 300 американски долари што е пристојно примање за овие услови.

На хартија работното време ми е од 7 наутро до 4 попладне, со по неколку ноќни смени секоја недела. Сепак, како полицаец се чувствувам како да сум на работа 24 часа од денот. Може да ви се јават во кој било дел на денот или сред ноќ и да ве испратат во која било област.

Еден ден нашата единица беше опколена за време на воена операција во градот Газни. Бев ранет таму. Потоа се вративме во Кабул каде бев под терапија неколку месеци. Ногата ми е трајно оштетена.

Мислам дека имам среќа што преживеав до денес со само една повреда. Многумина колеги ми загинаа за време на операции или во бомбашки напади.

Тажно е што мора да се навикнеме да губиме колеги и да гледаме смрт и повреди. Тоа на некој начин е нормално во оваа професија.

Разбрав дека бунтовниците се одлучиле да напаѓаат полицајци насекаде. Разбирам дека ризикот на ова работно место е голем. Како и да е, ризикот од гинење е насекаде во Авганистан. Деца гинат на пат кон училиште.

Сопругата и мајка ми ми велат да ја напуштам полицијата и да најдам работно место на кое нема да бидам директна мета само затоа што сум полицаец.

Немам политички врски. Работев како полицаец во времето на комунистичката влада, за време на владеењето на муџахедините и сега под новата власт. За мене владата не е важна. Важно ми е да му служам на народот.

Ако талибанците се вратат на власт преку избори и ако донесат мир во земјава тогаш тоа не ми пречи. Не ми пречи да работам за легитимна власт избрана од народот.

Залмаи Сајед, 53 години, Кандахар
Уверен сум во способностите на авганистанската полиција да ги победи непријателите. Имаме подобра обука и подобра опрема од пред неколку години.

Работата во полиција е семејна традиција веќе три генерации во моето семејство, но професијата никоаш не била поопасна од денес.

Предностите на работата е што чувствувате дека луѓето сметаат на вас и се чувствуваат побезбедни кога сте во близина.

Уверен сум во способностите на авганистанската полиција да ги победи непријателите. Имаме подобра обука и подобра опрема од пред неколку години.

Работам во една од најнестабилните области и за жал имам видено многу крвопролевање и смрт. Сум изнесувал мртви колеги од престрелки.

Пред неколку дена експлодираше бомба на десетина метри од местото каде што стоев. Тројца мои колеги загинаа, а двајца беа повредени во инцидентот.

Нема ништо полошо од дете да изгуби нога од нагазна мина. Се чувствував толку беспомошно кога го носев детето во болница.

Една од најголемите опасности во нашата работа е незнаење од каде ќе дојде нападот. Има се повеќе извештаи за напади врз вооружените сили предизвикани од униформирани напаѓачи.

Во последно време имаше барем еден инцидент во кој познаници на полицајци ги посетиле на контролен пункт, ги убиле и избегале во полициско возило. По ваквите инциденти, командантите им забранија на полицајците да примаат гости додека се на работа.

По неколку години работа за полицијата во зона на конфликт некако се привикнувате на опасноста, а ноќните мори ги снемува. Не можам со сигурност да кажам дека стравот исчезнува, но како полицаец имате морална обврска да не покажувате страв бидејки луѓето сметаат на вас.

Одлучен сум да останам со полицијата до крај. По толку години како полицаец, ќе бидам мета за талибанците дури и ако ја напуштам професијата.
XS
SM
MD
LG