Достапни линкови

Баритонот Хворостовски за спектакуларен почеток на „Охридско лето“


Дмитри Хворостовски, оперски пејач.

Дмитри Хворостовски, оперски пејач.

Само дваесетина дена по спектаклот што го приредија со Ана Нетребко на Црвениот плоштад во Москва, рускиот и светски баритон Дмитри Хворостовски ќе пее на отворањето на 53. издание на фестивалот Охридско лето, најголемата музичко-сценска манифестација во земјава.

Херојски баритон со блескава боја, со феноменална пејачка техника, со изедначени регистри и ретко слушана музикалност. Ова се само некои од белешките на критиката со кои е следен безмалку секој перформанс на Дмитри Хворостовски, вистински големата светска оперска ѕвезда која „ги фрла во транс милионите слушатели“ и чиј „глас мириса на луксуз“.
Гудачкиот квартет „Бонд“.

Гудачкиот квартет „Бонд“.


Неговите опери ме привлекуваат уште од детството. Од моментот кога одлучив дека ќе бидам оперски пејач. Но, морам да кажам дека како што поминува времето и колку подолго сум оддалечен од Русија, сè повеќе ме привлекува руската музика, нејзината душа, нејзината длабочина.
И, ете, токму првиот оперски пејач што ќе одржи соло-концерт со оркестар и хор на Црвениот плоштад во Москва, концерт што ќе се пренесува на телевизиските станици во повеќе од 25 земји во светот, оној кој пред само дваесеттина дена со сопранистката Ана Нетребко ќе го повтори подвигот на истото место и со многу поголема армија на обожаватели, ќе се искачи на сцената на Антички театар за да ја продолжи традицијата на грандиозни отворања на Охридско лето (Хозе Карерас, Џеси Норман...), најголемата летна музичко-сценска манифестација во Македонија.
Кжиштоф Пендерецки, полски композитор и диригент.

Кжиштоф Пендерецки, полски композитор и диригент.


Тој, во градот под самоиловата тврдина, ќе настапи со оркестарот на Македонската опера и балет под водство на американскиот диригент и негов долгогодишен соработник маестро Константин Орбелијан (музички директор на Руската филхармонија и Државниот академски камерен оркестар и првиот странски уметник кој ја има добиено наградата „Народен уметник на Русија“), а ќе изведе оперски арии од Белини, Бизе, Чајковски, Глинка, Хачатуријан, Рубијншатјн, Верди и Вагнер.

Роден 1962 година во Краснојарск во Сибир, Дмитри Александрович Хоростовски уште на самиот почеток од кариерата, непосредно по завршувањето на студиите, ќе ја воодушевува публиката и критиката со неговиот култивиран глас и со вроденото чувство за музичка линија, како и со неговото природно легато. Ќе дебитира во „Риголето“ во Операта во родниот град, а не многу потоа неговиот талент ќе биде препознаен од авторитетите и тој ќе се закити со значајни награди на меѓународните натпревари во Русија и во Франција. Во 1989 година ќе стане добитник на престижната награда на светскиот натпревар за пејачи на Радио „Би-би-си“, по што неговата кариера ќе експлодира и уметникот ќе се движи кон врвот со молскавична брзина. Добива значајни улоги во извиканите оперски куќи – Ројал опера хаус, Ковент гарден, Метрополитен, Миланска скала, Државната опера во Виена, но и покани за учества на реномираните фестивали. Бележити се неговите соработки со славните диригенти како Клаудио Абадо, Зубин Мехта, Валери Георгиев, Лорин Мазел и други, а паралелно ќе сними мноштво на носачи на звук и ќе биде номиниран за наградата „Греми“ за најдобри оперски снимки.

Патот на успехот ќе го одведе надвор од татковината (тој со семејството денес живее во Австрија), но Хворостовски ќе ги задржи силните музички, но и лични контакти со родната Русија. Познати се и мошне влијателни неговите концерти во Москва како дел од рамките на специјалните серијали насловени „Дмитри Хворостовски и пријателите“, на кој баритонот ќе кани славни уметници како Рене Флеминг. Во 2005 година, пак, ќе ја одржи историската турнеја низ повеќе градови во Русија, по покана на претседателот Путин, посветена на војниците од Втората светска војна, пеејќи пред стотици илјади посетители.

„Њујорк тајмс“, откако ќе го нарече „роден за улога“, за „Евгениј Онегин“ од Чајковски, улога со која ќе го идентификува публиката и по која ќе стане најпознат, ќе наведе дека „Дмитри Хворостовски има прекрасен тон, совршена интонација, елеганција и страст“. Сепак, за него улогите во оперите на Верди се нешто без кое тој не може да го замисли репертоарот.

„Неговите опери ме привлекуваат уште од детството. Од моментот кога одлучив дека ќе бидам оперски пејач. Но, морам да кажам дека како што поминува времето и колку подолго сум оддалечен од Русија, сè повеќе ме привлекува руската музика, нејзината душа, нејзината длабочина“, ќе рече славниот баритон.

Инаку, Рускиот народен артист, оперскиот пејач кој летово ќе биде ѕвезда на повеќе големи културни манифестации, денес за себе вели дека „имал убав, многу возбудлив и навистина среќен живот“. Потем дополнува дека „неговото најголемо задоволство е што низ светот многубројната публика го следи секој негов здив“, а често потенцира дека „има намера да го прошири својот богат репертоар и да си ги проба силите во некои други музички жанрови – како што е поп-класиката“, та и оди дотаму што не исклучува појавување на филмското платно како „нов акциски херој“.

Кон ова само уште информацијата, дека во музичкиот дел од манифестацијата покрај Хворостовски, во Охрид, со не помало љубопитство се очекуваат настапите на легендарниот Полјак Кшиштов Пендерецки, светската атракција – гудачкиот квартет „Бонд“, бразилскиот виолинист Антонио Менезес, виолинистот Немања Радуловиќ, пијано дуото Корољеви, францускиот мајстор на хармоника Ришар Галијано, Унгарецот Роби Лакатош со својот ансамбл и други.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG