Достапни линкови

Партиите воздржани околу „Горна Македонија“


Премиерот Никола Груевски и посредникот Метју Нимиц.
Премиерот Никола Груевски и посредникот Метју Нимиц.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема реакција за тоа дали за неа е прифатлив предлогот Горна Македонија. И од СДСМ засега нема коментар.

Политичките партии се воздржани по последната изјава на лидерот на Демократската Унија за интеграција Али Ахмети дека последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц е Горна Република Македонија и дека истиот е добра основа врз која треба да полнат преговорите.
Ако предлогот е тој како што го најавува Господинот Али Ахмети, треба да се разговара пред се со грчката страна, да го видиме и нивниот став и после тоа да се гради евентуален консензус. Ако претходно изградиме консензус како држава без да го знаеме ставот на Грција, мислам дека е крајно неодговорно и недржавнички чин.
Павле Трајанов, Демократскиот Сојуз.

Неуспешни беа обидите да добиеме реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали за неа е прифатлив предлогот што во јавноста го изнесе нивниот коалициски партнер.

И од СДСМ засега нема коментар. Иако од оваа партија неколкупати досега изјавуваа дека не знаат ништо околу последните предлози на Нимиц, денеска немаше реакција за предлогот Горна Република Македонија.
Медијаторот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, македонскиот преговарач во спорот Зоран Јолевски и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.
Медијаторот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, македонскиот преговарач во спорот Зоран Јолевски и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.

Павле Трајанов од Демократскиот Сојуз вели дека земјава не треба да гради внатрешен консензус за одреден предлог се додека не го знае ставот на Грција. Потсетува дека ваков сличен предлог имаше и во 1999 година, и дека тогаш Грција го одби.
За да дојдеме ние до решение коешто ќе може да се стави во функција на решавање на спорот со Грција, треба да постои апсолутен политички консензус, а мислам дека е неопходен и етнички консензус.
Тито Петковски, Новасоцијалдемократска партија.

„Ако предлогот е тој како што го најавува Господинот Али Ахмети, треба да се разговара пред се со грчката страна, да го видиме и нивниот став и после тоа да се гради евентуален консензус. Ако претходно изградиме консензус како држава без да го знаеме ставот на Грција, мислам дека е крајно не одговорно и недржавнички чин.“

Поучен од досегашното искуство и односот на премиерот Никола Груевски кон мене, не би сакал да лицитирам со конкретни имиња, вели претседателот на Новасоцијалдемократска партија Тито Петковски.

„Ќе ме тужи тој пак, нели гледате, ако не може политички да се справи со конкурентите, оди на суд, бидејќи го контролира.“

Според Петковски пак, најважен е внатрешниот консензус околу одреден предлог.

„Треба да се направи консензус и политички и етнички во Македонија. Јас не ја осудувам изјавата, предлогот на Господинот Ахмети, како дел од власта тој само пренесува една идеја којашто е на маса од компетентно лице, од посредникот Нимиц, но за да дојдеме ние до решение коешто ќе може да се стави во функција на решавање на спорот со Грција, треба да постои апсолутен политички консензус, а мислам дека е неопходен и етнички консензус.“

Лидерот на ДУИ Али Ахмети го поддржа последниот предлог на посредникот Нимиц, Горна Република Македонија, како добра основа врз која треба да почнат преговорите. Ахмети во Софија изјави дека страните можат да ги доближат ставовите како никогаш досега, иако според него, во наредните фази преговорите треба да се издигнат на повисоко ниво, односно од преговарачи-амбасадори во тимови кои би се предводеле од премиерите на двете земји.

„Досега немаше ниту еден конкретен предлог од преговорите, сега е предлогот Горна Република Македонија, значи имаме основа, па страните треба да седнат и да разговараат, но без помош од меѓународната заедница тешко дека ќе седнеме да разговараме“, рече лидерот на ДУИ.

Од друга страна Ахмети изјави дека нема ништо лошо во потпишувањето на договорот за добрососедски односи меѓу Македонија и Бугарија, туку напротив, тој би придонел во надминување на несогласувањата меѓу двете земји.

„За доброто на двете земји таквиот договор да се прифати. Не гледам ништо лошо од овој договор што го склучуваме со соседите. Ако има спорни прашања добро е да се седне и да се разговара. Ние сме отворени за соработка“, истакна Ахмети.

Меѓу другото, по средбите со бугарскиот премиер Пламен Орешарски и министерот за надворешни работи Кристијан Вигенин, Ахмети рече дека официјална Софија не само што е подготвена на Македонија да ѝ помогне во евроинтеграциите, туку добил и гаранција дека Софија ќе ѝ помогне на Македонија и во процесот за решавање на спорот со името.

„Високите бугарски функционери ветија поддршка за членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Исто така ќе ја имаме и помошта за решавање на несогласувањата со грчката страна“, изјави Ахмети.

Ахмети ги отфрли гласните дека неговата иницијатива во Бугарија ја прави на своја рака и оти наводно не е во координација со Груевски. Лидерот на ДУИ рече дека нема разлики меѓу него и премиерот за неговите инцијативи, па дури тој му бил и благодарен за неговата заложба.

Со Ахмети во Бугарија се наоѓа и вицепремиерот за имплементација на Охридскиот договор, Муса Џафери. Освен средбите со високите државни функционери, Ахмети одржа и предавање на Институтот за дипломатија на тема „100 години по балканските војни - помирување и интеграција“.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG