Достапни линкови

Буџетскиот дефицит расте, власта растрчана по роуд-шоуа


Македонскиот премиер Никола Груевски во посета на Народна Република Кина на 2 јули 2013 година.
Македонскиот премиер Никола Груевски во посета на Народна Република Кина на 2 јули 2013 година.

Засега нема детална и целосна анализа за тоа колку пари се потрошени на роуд шоуата, а колку инвестиции дошле како резултат на тоа.

Веројатно „ловот по инвестиции“ ширум светот не е директно поврзан со буџетскиот дефицит во првиот квартал од годината, ама сè уште е нејасно зошто Владата е фокусирана на потрагата по нови странски инвеститори кога од претходните роуд шоуа не видовме ефекти, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Убеден е дека посетите на владините делегации на далечни дестинации нема да донесат нови брендови и оти нема корист од ваквите економски потфати.
Седум години стана, а ние од неговите посети немаме ништо, не нешто, ништо немаме. Ниту имаме од Кина нешто, ниту имаме од Индија нешто, со Субрата Рој којзнае што ќе испадне. Несфатливо е како веруваат дека од овие патувања на Груевски ќе имаме некаква корист или инвестиција, прво конкретно нема ни една.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

„Седум години стана, а ние од неговите посети немаме ништо, не нешто, ништо немаме. Ниту имаме од Кина нешто, ниту имаме од Индија нешто, со Субрата Рој којзнае што ќе испадне. Несфатливо е како веруваат дека од овие патувања на Груевски ќе имаме некаква корист или инвестиција, прво конкретно нема ни една“, вели Хајредини.
Премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Талин, Естонија, на 25 јуни 2013 година.
Премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Талин, Естонија, на 25 јуни 2013 година.

Но, според професор Зоран Ивановски, пак, резултатите не можат да се видат преку ноќ. Економијата е процес и ефектите треба да се почекаат, вели тој и додава дека одлучноста на Владата да се сврти кон нови, алтернативни пазари и инвеститори треба да се поздрави.
Досегашните традиционални пазари нè одржуваат во ваква состојба во којашто се наоѓаме. Јасно е за мене и недвосмислено дека алтернативата мора да бидат нови пазари и нови инвестиции, само на тој начин може да обезбедиме подинамичен економски раст.
Зоран Ивановски, универзитетски професор.

„Досегашните традиционални пазари нè одржуваат во ваква состојба во којашто се наоѓаме. Јасно е за мене и недвосмислено дека алтернативата мора да бидат нови пазари и нови инвестиции, само на тој начин може да обезбедиме подинамичен економски раст“, вели Ивановски.

И додека премиерот Никола Груевски деновиве е во лов на нови инвестиции во Литванија и во Хамбург, а вицепремиерот Владимир Пешевски во Париз, од опозицискиот СДСМ обвинија дека буџетот е неодржлив и мора што побрзо да се направи негов ребаланс. Од Министерството за финансии одговорија дека засега тоа не е потребно, оти државната каса е во добра кондиција и навремено се исплатуваат сите побарувања.

Професор Ивановски вели дека патувањата на владините претставници ширум светот не се во корелација со намалените приходи во буџетот. Еве зошто:

„Јасно е дека од инвестициите не се полни буџетот, туку тој се полни индиректно после привлечените странски инвестиции преку растот на македонската економија итн., со другите начини на плаќање“, вели Ивановски.

Наместо инвеститори од далечни земји кои немаат интерес да се појават на македонскиот пазар, Хајредини смета дека земјава треба да продолжи да ги развива економските односи со соседните земји.

„Доволно е да соработуваме со соседите, ние имаме најдобри економски односи со Грција, има инвеститори тука итн., тоа е логиката“, вели Хајредини.

И опозицијата смета дека Владата треба да создаде услови за поттикнување на домашните инвестиции, оти странските не се замена за недоволните домашни инвестиции. Засега нема детална и целосна анализа за тоа колку пари се потрошени на таквите патувања, а колку од она што било инвестирано се вратило како повратен ефект.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG