Достапни линкови

logo-print

Дневен печат - Како до ЕУ, Груевски бара средба со Самарас


Премиерот Никола Груевски зборува на Конвенцијата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје на 9 јуни 2013.

Премиерот Никола Груевски зборува на Конвенцијата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје на 9 јуни 2013.

Поздравувањето на претседателот Ѓорге Иванов со неговиот грчки колега Каролос Папуљас, барањето средба на премиерот Никола Груевски со шефот на грчката влада Андонис Самарас, како и евроинтеграциите се главни теми во дневните весници.

Соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов во кое седумминутната средба со грчкиот колега Папуљас во Загреб беше наречена „историска“ го проследија сите медиуми, со наслови слични на оној во Дневник: „Иванов и Папуљас го скршија мразот“. Телевизија Телма, пак, пренесе пишување на некои грчки весници дека тоа всушност било само ракување со неколку куртоазни реченици.
Груевски со писмо до Самарас бара разговори за спорот - Да седнеме на маса уште оваа седмица.

Речиси истовремено, Дневник ексклузивно објави дека „Груевски со писмо до Самарас бара разговори за спорот - Да седнеме на маса уште оваа седмица“. Истата вест, Вечер ја објавува, но пренесувајќи ја државната МИА.

Дневник како да сака да го намали ефектот од фактот што Хрватска на 1 јули стана членка на Унијата, па насловува: „Европското славење заврши, илузиите кај Хрватите исчезнаа“.
Корупцијата цвета во образованието, градежништвото, трговијата, земјоделството - Поткупува кој како ќе стигне.

Утрински оди со анализа: „Како да го стигнеме балканскиот воз кон ЕУ“.

А во меѓувреме, „Премиерот во посета на Кина“, информираа сите медиуми, инаку посета која во дел од малкуте опозиционо настроени е искоментирана како барање контрапункт во големата Кина виз-а-ви ЕУ за тоа што Македонија ниту беше спомната на Самитот на кој Хрватска го доби членството.

Се разбрануваа духовите и - се смирија по три дена: „Лустрацијата на Славко Јаневски удира во темелите на државноста“ - наслови Утрински, пренесувајќи ги мислењата на академици, писатели и научни и културни институции дека е парадоксално да се лустрира човек што ја има втемелено современата македонска книжевност и кој веќе не е меѓу живите.

„Долгот кон странство се искачи на 5,5 милијарди евра, што пред сè се должи на задолжувањата на државата“ - информира Утрински.

Истиот весник го објави и најновото истражување на агенцијата „Рејтинг“ во соработка со мисијата на ОБСЕ во Скопје и Државната комисија за спречување корупција според кое „Корупцијата цвета во образованието, градежништвото, трговијата, земјоделството - Поткупува кој како ќе стигне“.

Дневник насловува: „Три години затвор за Бучковски за процесот тенковски делови“, а Утрински го цитира Тито Петковски од прес-конференцијата дека: „Груевски ми бара 15 илјади евра за клевета во услови кога земјата тоне во сè поголема неизвесност на сите полиња“.

Нова Македонија ја интересираат евентуални предвремени: „Сите партии коваат план за предвремени избори - ВМРО-ДПМНЕ би сакала да обезбеди постабилно мнозинство пред опозицијата да се консолидира, ДУИ да се докаже дека не е послушник, а новите партии подобро да се промовираат“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG