Достапни линкови

Крај на мандатот на Морси - Војската презема во Египет


Претседателот имаше добиено ултиматум од војската, да ги смири тензиите меѓу неговите подржувачи и приврзаниците на опозицијата. Најмалку 38 лица загинаа во немирните протести од неделата.

Армијата во Египет го суспендираше Уставот и најави мерки за организирање на нови претседателски избори во земјата. Со најавата се става крај на владеењето на Мoхамед Морси, првиот шеф на државата кој беше избран на демократски избори. Армиската одлука следи по неколкудневни протести на илјадници противници на исламистичката влада.

Ал Сиси денеска се сретна со лидерот на либералната опозиција Мохамед Ел Баредеи. Пред соопштението на војската, советник на сега соборениот претседател рече дека земјата се соочува со воен пуч. Претседателскиот советник Есам ал-Хадад изјави дека „ниту еден воен пуч не успева без пролевање крв”.
Масовни протести и контра-протести во Египет
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00

Војската испрати армирани возила на локациите каде подржувачите на Морси одржуваат контра-протести. Дополнително, засилена е контролата на клучни институции. Зградата на државната телевизија е опколена со војници.

Најмалку 39 лица загинаа во протестите во земјата од неделата.

Претходно, Соединетите американски држави изразија загриженост за случувањата во земјата. Портпаролката на американскиот Стејт департмент Џен Псаки рече дека станува јасно дека ситуацијата брзо се менува.

„Ја следиме ситуацијата и како што веќе кажавме, народот во Египет заслужува мирно решение на тековната политичка криза”, додаде портпаролката на Стејт департментот.

Инаку, војската во Египет му даде ултиматум на шефот на државата за изнаоѓање на компромисно решение и смирување на тензиите меѓу неговите подржувачи и приврзаниците на опозицијата. Пред истекувањето на крајниот рок кој го постави армијата, Министерството за внатрешни работи предупреди дека силно ќе реагира против било какви насилства.
XS
SM
MD
LG