Достапни линкови

logo-print

Партиски амбасадори преку конкурс?


Новата зграда на Министерството за надворешни работи.

Новата зграда на Министерството за надворешни работи.

Испразнетите амбасадорски фотелји ќе ги пополнат луѓе кои или веќе извршуваат таква функција или пак се сегашни или поранешни функционери. Владата претходно распиша оглас за пополнување на овие места, за кои се пријавиле повеќе од 700 луѓе.

Иако во јавноста веќе се појавија информации за имињата кои ќе ги пополнат осумнаесетте амбасадорски фотелји ширум светот, а најголемиот дел од нив веќе извршуваат таква функција, поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека не треба да се прејудицира со имињата на потенцијалните амбасадори. Никовски вели дека е неизбежно во таа листа да се најдат и актуелни амбасадори, но исто така очекува и изненадувања.
Шпекулации секогаш имало, многу често шпекулациите и се остварувале, меѓутоа да почекаме. Јас мислам дека ќе има изненадувања, ќе има и нови луѓе, а дека ќе има и стари луѓе, тоа е сосема нормално и неизбежно.

„Шпекулации секогаш имало, многу често шпекулациите и се остварувале, меѓутоа да почекаме. Јас мислам дека ќе има изненадувања, ќе има и нови луѓе, а дека ќе има и стари луѓе, тоа е сосема нормално и неизбежно.“

Спротивно на тврдењата на Никовски, поранешниот амбасадор во Швајцарија, Алајдин Демири вели дека старо-новите имиња за амбасадорските места воопшто не се изненадување. За него е трагикомичен јавниот оглас на Владата на кој се пријавиле 700 лица за понудените 18 извршители на функцијата амбасадор и три за позицијата генерален конзул.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ многу ригидно се грижат тие позиции да останат нивни позиции, без оглед на квалитетите, без оглед на дипломатското претставување и важно е тие партиски војници да бидат тука и тие потоа само се менуваат од една држава во друга.

„ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ многу ригидно се грижат тие позиции да останат нивни позиции, без оглед на квалитетите, без оглед на дипломатското претставување и важно е тие партиски војници да бидат тука и тие потоа само се менуваат од една држава во друга.“

Нашата дипломатија не е целосно професионална, а со новиот закон непрофесионалноста се зголемува двојно, вели Никовски според кој одлуката на Владата преку јавен оглас да ги бира идните амбасадори и конзули е позитивен исчекор. Убеден е дека шанса имаат и кандидатите кои немаат партиска книшка, а поседуваат квалитет и знаење.

„Па начелно им е шанса, знаете дека и во нашата влада има луѓе донесени од странство кои немале никаква врска со партијата на власт.“

Демири пак вели дека е вообичаена пракса амбасадорите да се избираат од партиските редови. Но, за него загрижува фактот што бројот на лицата кои се пријавиле на огласот е голем. Тоа вели дека пријавените не се политички наивни, туку очајни да дојдат до работа.

„Не мислам дека тие луѓе се наивни, но економската и политичката состојба ги тера луѓето да делуваат.“

Медиумите јавуваат дека според неофицијални информации за амбасадорското место во Белград е избран некој од пријавените на конкурсот. За нов амбасадор во Загреб се споменува името на пратеникот Антонио Милошоски, а актуелната амбасадорка Даниела Караѓозова ќе оди во Канада. Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски се споменува како иден амбасадор во Вашингтон, а амбасадорот во Хаг Никола Димитров ќе биде нов амбасадор во Москва. Според пишувањата во медиумите, Оливер Шамбевски од Пекинг ќе замине во Рим, а амбасадорот Веле Трпевски од Тирана оди во Австралија, додека амбасадорското место во Албанија ќе биде пополнето со Стојан Kарајанов, кој е актуелен амбасадор во Приштина.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG