Достапни линкови

Македонското борење го возвраќа ударот


Дејан Богданов на Медитеранските игри во турскиот град Мерсин.
Дејан Богданов на Медитеранските игри во турскиот град Мерсин.

Репрезентативците во борење Дејан Богданов, Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџелари, минатата недела освоија медали на Медитеранските игри во Турција.

По повеќегодишна пауза, македонското борење деновиве повторно за добро е во центарот на вниманието на домашната спортска јавност. Заслужни за тоа се репрезентативците Дејан Богданов, Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџелари. Тие, минатата недела освоија еден сребрен и три бронзени медали на нашиот дебитантски настап на Медитеранските игри во турскиот град Мерсин. Со највредниот трофеј, среброто, се закити Богданов, чиј настап во категоријата до 84 килограми, беше неизвесен поради повредата на рамото. Сепак, тоа не го спречи членот на Балканец да се појави на душекот во Мерсин и да го постигне најголемиот успех во својата кариера.
Го имав оперирано рамото пред околу пет месеци. Докторите не ми предлагаа да се борам во Мерсин. Но, се чувствував добро бидејќи доста напорно работев за опоравување на рамото. Како нешто да ми кажуваше одвнатре дека би направил резултат, значи дека сум во добра форма. И ете кога е спортистот подготвен со малку среќа би можел да освои медал.
Дејан Богданов, борач.

„Го имав оперирано рамото пред околу пет месеци. Докторите не ми предлагаа да се борам во Мерсин. Но, се чувствував добро бидејќи доста напорно работев за опоравување на рамото. Како нешто да ми кажуваше одвнатре дека би направил резултат, значи дека сум во добра форма. И ете кога е спортистот подготвен со малку среќа би можел да освои медал“, вели Богданов, кој во изминатата деценија има освоено три медали на кадетско и на младинско ЕП, два пати беше петти на сениорски собир на најдобрите на Стариот континент, а еднаш осми на СП.
Дејан Богданов и Бобан Данов, македонски репрезентативци во борење.
Дејан Богданов и Бобан Данов, македонски репрезентативци во борење.

Овие резултати, дополнети со медитеранското сребро, говорат дека Дејан има потенцијал за уште поголеми успеси во иднина. Тој не крие дека тоа е и негово мислење, особено сега, кога со поголем оптимизам ги очекува наредните настапи на врвната меѓународна сцена. Затоа и најавува атак на нови трофеи, а првата можност за таков подвиг, ќе ја има во септември на СП во Унгарија.

„Нормално, секој спортист кога оди на поголеми натпревари очекува голем резултат. Веќе почнавме да се среќаваме со квалитетни борачи кои се освојувачи на медали, ги надминуваме значи почнуваме веќе да стекнуваме самодоверба, дека никој не е недопирлив. Така да, кога веќе одиме на големи натпревари најзначајно е да сме живи и здрави, да сме добро подготвени и не би мислел со кого би се паднал во прва, втора борба. Значи би мислел само дека секој треба да го победам, за да освојам медал“, додаде повеќекратниот македонски првак.

Тој се надева дека медалите од Мерсин ќе ги разбудат одговорните во македонското борење, но и во државата, да го вратат на старите патеки спортот кој важи за најтрофеен кај нас. За такво нешто, според Богданов неопходно е обезбедување услови за работа, но и финансиски награди за освоен медал, а не како досега само поздрави и честитки за постигнатите успеси.
XS
SM
MD
LG