Достапни линкови

Не е до роуд шоуата, туку до стабилноста


Македонскиот премиер Никола Груевски во посета на Народна Република Кина.
Македонскиот премиер Никола Груевски во посета на Народна Република Кина.

За да донесете инвеститор во земјава, треба да му обезбедите стабилна бизнис клима. Никој не сака да инвестира таму каде што е ризично, посочуваат експертите.

Привлекувањето на странските инвестиции и нивната ефикасност не зависи од големината на земјата од која барате инвеститори, туку од тоа што е таргет на таквата политика и каква стратегија води државата во насока на привлекување на странски инвеститори, коментираат економските аналитичари по заминувањето на владината делегација во Кина. Токму таму деновиве премиерот Никола Груевски ги објаснува серијата мерки и поволности што им се нудат на инвеститорите, ниските даноци и трошоци за правење бизнис во Македонија, но експертите се сомневаат во ефектите кои ваквите патувања ќе ги имаат врз домашната економија.
Веројатноста дека во поголеми економии почесто се наоѓаат интересни инвеститори е чисто веројатност, но големината сепак ништо не значи. Целото тоа е пак во пропагандна цел за домашната јавност.
Ванчо Узунов, универзитетски професор, потпретседател на СДСМ.

„Веројатноста дека во поголеми економии почесто се наоѓаат интересни инвеститори е чисто веројатност, но големината сепак ништо не значи. Целото тоа е пак во пропагандна цел за домашната јавност“, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов, кој е и потпретседател на СДСМ.
Македонскиот премиер Никола Груевски кој престојува во посета на Народна Република Кина се состана во Пекинг со претседателот Кси Џинпинг.
Македонскиот премиер Никола Груевски кој престојува во посета на Народна Република Кина се состана во Пекинг со претседателот Кси Џинпинг.

За да донесете инвеститор во земјава, треба да му обезбедите стабилна бизнис клима. Никој не сака да инвестира таму каде што е ризично, вели професор Сеадин Џафери, според кого тешко е да се очекуваат позитивни резултати и од ова патување во далечната Кина.
Прво треба ние да средиме некои работи тука дома за да после може и странците како што се Кинезите или кој било на земјината топка да да се заинтересираат и на некој начин да инвестираат, бидејќи никој не инвестира на ризични терени.
Сеадин Џафери, универзитетски професор.

„Прво треба ние да средиме некои работи тука дома за да после може и странците како што се Кинезите или кој било на земјината топка да да се заинтересираат и на некој начин да инвестираат, бидејќи никој не инвестира на ризични терени“, вели Џафери.

Според Узунов, досега немало позитивни промени од напорите на Владата за привлекување странски инвестиции, оти, како што вели, таа нема стратегија во која јасно ќе се утврдат причините зошто конкретно некоја земја би била заинтересирана да инвестира во земјата.

„Дали јавно ќе се потпише договор или нема да се потпише договор е ирелевантно, тоа е политички маркетинг. Она што го гледаме е дека нема нешто многу на позитивно сменето од сите досегашни наводни владини напори да привлече странски директни инвестиции“, вели Узунов.

Иако посочуваат дека ваквите владини патувања чинат доста, експертите велат дека отсуствува целосна анализа за тоа колку е потрошено, а колку е добиено од нив и оти доколку се изработи таква анализа резултатот би бил негативен.

„Се знае дека патувањата чинат доста. Некогаш дури и повратот на тие пари, па и во случај на привлекување на инвестиции, тешко дека ќе биде оправдан“, вели Џафери.

Според нашите соговорници, ваквите далечни патувања на владините претставници во обид да се промовира Македонија како инвестициски рај се неубедливи и несериозни. Пред Кина, македонската владина делегација имаше роуд шоуа во Русија, во Естонија, во Соединетите Држави, но и во Азербејџан, Бразил, Аргентина и Мексико.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG