Достапни линкови

Снежана Конеска Руси: Мојот сон и јаве – театарот!


Театарската претстава „Вишновата градина“ на режисерот Трајче Ѓорѓиев.
Театарската претстава „Вишновата градина“ на режисерот Трајче Ѓорѓиев.

Со улогата на Љубов Андреевна од „Вишновата градина“ на Чехов, една од најпожелуваните на секоја актерка, Снежана Конеска Руси ги одбележа четирите децении уметничка дејност. Меѓутоа, наспроти јубилејот, таа вели дека на крилјата на сеќавањето има доволно сили и натаму стамено да продолжи да ги живее својот сон и јаве – театарот.

Босилка Кочоска во „Ѕидот, водата“ на Живко Чинго, Девојката во „Димна Јуда град градила“, Ана во монодрамата „Ана Франк“, Агафја во гогољевата „Женидба“, Хава во мјузиклот „Свирач на покрив“, Нале во „Среќна нова 49“ се само некои од долгата листа улоги што во изминативе четири децении ги одиграла Снежана Конеска Руси. Сепак, за одбележувањето на својот голем јубилеј – 40 години уметничка дејност, актерката одбра на сцена наново да ја отелотвори Љубов Андреевна од чеховата „Вишнова градина“ во режија на Трајче Ѓорѓиев од 2010 година.
Ние со Томе Витанов вака кажуваме збогум на стариот привремен објект, и како што вели Љубов Андреевна, одиме во новата зграда на Македонскиот народен театар. Тоа е најголемата причина зошто е одбрана „Вишновата градина“, а инаку таа како текст и како улоги е врв, не само во драматургијата на Чехов, туку воопшто и на светската драматургија, а секоја актерка посакува да ја изигра токму оваа ролја.
Снежана Конеска Руси,актерка.

Вели дека тоа го сторила од две причини. Првата, затоа што во претставата, улогата на нејзиниот брат Гаев Леонид Андреевич ја толкува Томе Витанов со кого своевремено заеднички почнале во театарот и досега многупати ја делеле сцената, а втората е монологот на Андреевна кога таа се простува од својата вишнова градина.
Снежана Конеска Руси, актерка.
Снежана Конеска Руси, актерка.

„Ние со Томе Витанов вака кажуваме збогум на стариот привремен објект, и како што вели Љубов Андреевна, одиме во новата зграда на Македонскиот народен театар. Тоа е најголемата причина зошто е одбрана „Вишновата градина“, а инаку таа како текст и како улоги е врв, не само во драматургијата на Чехов, туку воопшто и на светската драматургија, а секоја актерка посакува да ја изигра токму оваа ролја. Случајот сакаше нејзе да ја одигра и Снешка“, вели актерката.
Сакам да откривам многу работи. Да запознавам нови режисери. Да истражувам што е тоа што тие бараат од мене, значи да ја најдеме нашата иста бранова должина и љубопитството. Или можеби детето во мене, ме тера и натаму да играм, да си поигрувам. Па дури и со младите најмногу затоа што од нив црпам многу идеи и многу желба за работа. Главно е да сакате, да сакате да играте и да го правите тоа!
Снежана Конеска Руси,актерка.

Говорејќи за себе во театарот, Конеска истакнува дека „во некој одреден момент од животот одигруваш една улога во која лично внесуваш дел од својот живот“.

„Не секогаш чекам ролјите да дојдат до мене, ами напротив дури самата ги посакувам или ги побарувам сметајќи на сопствениот темперамент, на сопствената енергија. Исклучувајќи ја притоа, како што се вели, „височината“ која е пресудна за некои улоги, јас сето тоа успевам да го надополнам со она што е мој внатрешен интензитет“, вели Конеска Руси.

Родена 1952 година во Ниш, Република Србија, Снежана Конеска дипломирала на Факултетот за драмски уметности во класата на Владимир Милчин и Љубиша Георгиевски. Била долгогодишен член на Детската радио драма во МРТВ, еден период спикер-презентер, а во 1975 година била прогласена за најдобар млад актер на весникот „Млад борец“. Три години подоцна станува редовен член на ансамблот на МНТ и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ добива награда за епизодна улога - Слепата девојка во претставата „Крчма под зеленото дрво“. Во 1991 на оваа театарска манифестација ја освојува и наградата за најдобро актерско остварување за ликот на кралицата Маргарита во „Ричард Трети“, а веќе следната година станува добитник и на високото општествено признание – 13-то ноемвриската награда на град Скопје.

Наспроти наградите, таа и натаму е неуморна на сцена. И не само на матичната, туку и во театрите низ Македонија, во операта, на телевизија (израсна генерации на млади луѓе со „Дајте музика!“ и како глас од омилените цртани филмови), на приредбите и музичките фестивали – како актер и режисер, како педогог во своето детско студио, постојано и упорно трагајќи по скомрахот во себе.

„Сакам да откривам многу работи. Да запознавам нови режисери. Да истражувам што е тоа што тие бараат од мене, значи да ја најдеме нашата иста бранова должина и љубопитството. Или можеби детето во мене, ме тера и натаму да играм, да си поигрувам. Па дури и со младите најмногу затоа што од нив црпам многу идеи и многу желба за работа. Главно е да сакате, да сакате да играте и да го правите тоа!“

Снежана Конеска Руси последната премиера ја имаше пролетва во Струмичкиот театар („Бледица“ од Васе Манчев во режија на Кире Ѓорѓиев), во периодов што следува ќе биде дел од актерите кои ќе играат во „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски со која свечено ќе биде отворен новиот објект на Македонскиот народен театар, а вели дека единствено што би сакала е конечно да застане и на сцената на Прилепскиот театар, единствениот во земјава во кој досега немала професионален ангажман.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG