Достапни линкови

Младите да ги земат работите во свои раце


Петар Матијашиќ, Претседател на Европскиот младински форум на прес-конференција во Скопје.
Петар Матијашиќ, Претседател на Европскиот младински форум на прес-конференција во Скопје.

Невработеноста на младите е општ проблем. Многу е важно младите луѓе самите да разговараат за таа тема и да најдат потенцијални решенија што ќе ги предложат и да ги преземат работите во свои раце и да се потрудат нешто да направат сами, вели Петар Матијашиќ, Претседател на Европскиот младински форум, во разговор за Радио Слободна Европа.

Новоформираниот Национален младински совет на Македонија, основан од страна на 55 младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци на политички партии, најави интензивна комуникација со институциите кои имаат надлежност за младинските прашања, но и борба за повеќе права за сите млади. Петар Матијашиќ, претседател на Европскиот младински форум, организација која го поддржа процесот на создавање на советот истакна дека е задоволен што Националниот младински совет во Македонија е навистина воден од младите.

Господине Матијашиќ, што може еден младински совет да смени во едно општество, на пример во македонското општество?

Верувам дека Националниот младински совет има клучна улога. Прво е претставник на нов младински глас на една земја, или најмалку треба да биде, со цел да има кредибилитет. Затоа ние како Европски младински форум поддржуваме иницијативи на претставници кои во себе имаат голем спектар на различни видови на организации, кои се плуралистички во нивните погледи, вклучувајќи и различни политички погледи и различни религиски мислења, и различни ставови за различни работи. Треба да се предводени од младите затоа што не сакаме младински совет предводен од Влада или луѓе кои што се над 30 или 35-годишна возраст. Многу е важно советот да стекне кредибилитет во нашите очи со тоа што Советот ќе биде раководен од млади. Втора важна задача која ја има младинскиот совет е да ги вклучи своите членки-организации и да се осигура дека тие работат на развој на нивната политика, односно дека работат на најниско ниво со младите луѓе, да разговараат за нивните потреби, за она што го сакаат младите во Македонија, и врз база на тоа да создадат стратегија и став создаден во демократска постапка и со таа заедничка позиција да настапат пред тие коишто ги носат одлуките, односно пред Владата и Агенцијата за млади и спорт. Треба да работат со нив, да разговараат и се разбира да ги застапуваат потребите на младите во земјава и да бараат одговори зошто не се спроведуваат нивните барања. Тоа е главната задача и она што ние го очекуваме од Националниот младински совет да го работи. Гледајќи од европската перспектива, тоа ќе значи дека во иднина ние ќе имаме партнер во земјава со кого ќе може да разговараме и да ги вклучиме мислењата и ставовите на младите Македонци во политиките и стратегиите на Европскиот младински форум. Во нашиот форум недостига мислењето и ставот на младите од Македонија како дел од нашите позиции, тоа ние го немаме, имаме претставници од Србија, Бугарија, Хрватска и Грција, но немаме од Република Македонија и се надеваме дека со ова тоа ќе се подобри.

Имајќи ја на ум исполитизираноста и политичката биполараност во земјава, кој е механизмот за заштита од зголемено политичко влијание врз младинските организации?

Во основа прашањето со исполитизираноста е проблем во повеќе земји кои различно се справија со него. За нас е многу важно, што кога видовме дека оваа иницијатива во Струга се реализираше, видовме дека тие демонстрираа соработка, заедничка почит еден за друг, на пример тие имаа 13 кандидати за пет места во одборот, а тие што не влегоа останаа и натаму да дадат силна поддршка. Дел од лидерите на политичките подмладоци во Струга покажаа зрелост којашто понекогаш ни политичарите ја немаат. Волјата за компромис, волјата да работат заедно поради вербата дека само заедно се посилни и дека така може да им се слушне гласот беше доста импресивна. Исто така за мене беше импресивно да се види дека голем дел од политичките подмладоци на партиите беа таму, иако понекогаш токму партиите се дел од проблемот, тие беа таму како дел од решението. Се разбира, една недостасуваше, од владејачката партија и тоа е срамота, и се надевам дека во иднина ќе бидат конструктивни и дека ќе ги видат бенефитите од ова. Ова не е нешто против нив, туку во корист на сите млади луѓе, а тоа е она што треба да го разберат.

Еден од главните проблеми на младите во Македонија, а и на европско ниво, е невработеноста. Господине Матијашиќ, како може еден ваков инструмент да помогне во формирање на стратегија и спроведување во пракса на истата за да се реши тоа?

Невработеноста на младите е општ проблем. Многу е важно младите луѓе самите да разговараат за таа тема и да најдат потенцијални решенија што ќе ги предложат и да ги преземат работите во свои раце и да се потрудат нешто да направат сами. Сепак, треба да знаеме дека има јасна поделба на трудот, тука се политичарите, донесувачите на одлуки, владата која има одговорност пред граѓаните што гласале за неа, потоа тука се граѓанските организации кои претставуваат различни мислења и особено младинските граѓански организации, или младинското лоби што се бори за своите права, и тие ќе дадат предлози за тоа кои политички мерки ги бараат. На европско ниво, Европскиот младински форум има нотирано четири области за кои веруваме дека може да помогнат во борбата против невработеноста на младите. Тие нема веднаш да го решат проблемот, но на пример гарантираат дека ниеден млад човек нема да биде заборавен, оставен надвор од образовниот систем, од обуки или вработување на одреден период од четири месеци и дека ќе им биде дадена потребната поддршка да видат што им треба, можеби им треба преквалификација, им требаат можности за обуки, им треба нова платена пракса што може да води до пристојна квалитетна работа. Се разбира дека станува збор и за водич за кариера, пред младиот човек да одлучи што ќе прави во животот, потребно е на младите да им се објаснат реално можностите коишто ги чекаат надвор. Не оние вообичаените од балкански начин на гледање на работите, стани политичар, свештеник, војник, адвокат или доктор. Има и други професии, не е сè во титулата што ќе ја стекнете, туку вештините коишто ќе ги стекнете. Затоа што младите не работат само за свое добро, туку тие треба да имаат активно учество и во општеството, а политичарите треба тоа да го сфатат тоа и да им помогнат истото да го постигнат.

Според вашето искуство кои се основните препреки и предизвици со кои ќе се соочи Националниот младински совет?

Во првите десет години ние се боревме да бидеме слушнати, сега ние успеавме и седиме на маса како еднаков партнер, но сега е важно да ги зацврстиме нашите позиции. Мислам дека првиот предизвик за Националниот младински совет на Македонија ќе биде да кажат гласно: „Ние сме тука, ние сме легитимни и треба да не слушнете!“. Знам дека е предизвик и тие треба да ја одржат мотивацијата и да не бидат заплашени или етикетирани како опозиција или што да е, затоа што тие мора само да се задржат на своите цели и да се потпрат на енергијата и волјата за соработка што ја покажаа во Струга.

Што мислите господине Матијашиќ, имајќи предвид дека подмладокот на владејачката партија не е дел од овој Совет, дали постои реална шанса тој да биде слушнат од владејачката гарнитура?

Мислам дека е важно, сличен случај беше во Бугарија каде што владејачката партија одлучи да остане надвор, но таму беше полошо, затоа што тие остана надвор откако не ја добија позицијата којашто ја сакаа во советот. Тука е јасен отпорот од владата и од подмладокот уште на самиот почеток, затоа што не сакаа оваа иницијатива да се реализира. Се надевам дека ќе се премислат. Ние ќе работиме со нивните партнерски организации на европско ниво каде што се членови, ако не грешам тоа е подмладокот на Европските народни партии, затоа што тие се наши членови. Реалистички во моментов не ги гледам нив како дел од Советот, но се надевам дека ќе бидат затоа што останатите подмладоци на коалиционите партнери, како албанската и српската, се дел и активно учествуваа во Советот. Затоа мислам дека не може да се каже дека целата влада не е учесник, затоа што само една владејачка партија не е дел од Советот. Се надевам дека ќе се премислат и мислам дека треба да се видат некои промени, на пример да можат подмладоците на политичките партии да се регистрираат како одвоени посебни организации како што е на пример во Словенија од каде што јас доаѓам, со цел да биде јасно дека тие не се под влијание или контролирани од мајката партија и дека нивниот став по некои политички прашање е независен и заклучок од нивната работа и како такви може да бидат дел од младинскиот совет.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG