Достапни линкови

logo-print

Наскоро од Охрид до Поградец со брод


По повеќе од една деценија ветувања, бродска линија Охрид – Поградец наскоро ќе се реализира, ветуваат охридските власти. За почеток линијата ќе функционира само за туристички тури, а доколку се покаже добро ќе се размислува и за редовна бродска линија.

Бродската линија од Охрид до Поградец ова лето најверојатно ќе стане реалност. Горан Устијаноски капетан во Охридската Капетанија вели дека разговорите со албанска страна биле обновени пред неколку месеци, била формирана нова работна група и оти македонската полиција и царина пронашле модус да ги сведат на минимум царинските и полициските постапки.
Тие таму имаат едно пристаниште во Поградец кое може да се користи и е во добра кондиција, имаат и бараки каде може да се смести и полиција и цариник. Не сме далеку од решение.

За почеток линијата ќе функционира само за туристички тури. Секоја група што претходно ќе се најави ќе мора ден порано да поднесе списоци на патници до полицијата и царината кои ќе ги обработат податоците, а луѓето ќе бидат идентификувани пред тргнувањето на бродот. Доколку се покаже дека линијата може да функционира, ќе се размислува и за редовна бродска линија Охрид Поградец, вели Устијаноски.

„Максимални напори даваме и сме во комуникација со нашата амбасада во Тирана. Тие таму имаат едно пристаниште во Поградец кое може да се користи и е во добра кондиција, имаат и бараки каде може да се смести и полиција и цариник. Не сме далеку од решение“, вели Устијаноски.
Не постоеше регулатива за регулирање на водниот сообраќај, но колку што јас имам информација тој дел е надминат од албанската страна и мислам дека многу брзо ќе дојде до реализација на бродската линија.

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески на неодамнешната средба со градоначалниците на Струга и Поградец изрази надеж дека конечно по повеќе од една деценија ветувањата оваа линија ќе стане реалност.

„Мислам дека постоеја некои пречки во законските регулативи на албанската страна и мислам дека постоеја закони кои го регулираа сообраќајот само во приморскиот сообраќај и не постоеше регулатива за регулирање на водниот сообраќај но колку што јас имам информација тој дел е надминат од албанската страна и мислам дека многу брзо ќе дојде до реализација на бродската линија која ќе овозможи поголема фреквенција на луѓе во овој регион“, рече Бакрачески.

Градоначалникот на Поградец, Артан Шкамби рече дека локалните власти никогаш не биле пречка за функционирање оваа линија.

„Никогаш локалната власт не била пречка за една таква линија. Ние имавме избори во Албанија од која ќе произлезе нова власт и јас верувам дека новата власт ќе даде поддршка за спроведување на линијата“, вели Шкамби.

Бродската линија се најавува со години, а албанските и македонските министри неколку пати јавно најавуваа дека линијата ќе почне да функционира, но барем за сега тоа остана само најави и изјави на министрите за медиумите.
XS
SM
MD
LG