Достапни линкови

Притворот за Кежаровски – Сеење страв меѓу новинарите


Новинарите на протест пред судот во Скопје побараа ослободување од притвор на нивниот колега Томислав Кежаровски од Нова Македонија на 31 мај 2013 година.
Новинарите на протест пред судот во Скопје побараа ослободување од притвор на нивниот колега Томислав Кежаровски од Нова Македонија на 31 мај 2013 година.

Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски е запрепастен од продолжувањето на притворот за новинарот.

Новинарските здруженија се запрепастени од продолжувањето на притворот на новинарот Томислав Кежаровски од Нова Македонија. Тие потсетуваат дека Кежаровски не е ниту обвинет, туку осомничен дека во новинарски текст од 2008 година објавил идентитет на заштитен сведок во случај за убиство. Кежаровски помина во притвор 30 дена, а судот му го продолжи притворот за уште 30 дена. Неговите колеги тврдат дека тој е невин, затоа што наводниот заштитен сведок пред неколку месеци го откри својот идентитет и рече дека полицијата го терала лажно да сведочи.
Одлуката за продолжување на притворот за осомничен новинар за објавен текст претставува заплашување на сите новинари кои го ставаат јавниот интерес над сопствениот комфор и над интересот на разни центри на моќ.
Тамара Чаусидис, претседателка на ССНМ.

Сепак, без да се прејудицира конечниот исход од случајот, колегите на Кежаровски бараат да му биде дозволено да се брани од слобода. Судот, пак, смета дека тој може да избега или да влијае на јавноста или сведоците и затоа мора да остане во притвор. За Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски ова образложение е неосновано и апелираат да му се дозволи на новинарот да се брани од слобода.
Овој пример не само што ги обесхрабрува новинарите истражувачи, туку тој ги плаши. Значи се сее страв.
Билјана Петковски, директорка на МИМ.

Претседателката на новинарскиот Синдикат Тамара Чаусидис вели дека притворањето на новинар за напишан текст е груба демонстрација на сила и ароганција.

„Одлуката за продолжување на притворот за осомничен новинар за објавен текст претставува заплашување на сите новинари кои го ставаат јавниот интерес над сопствениот комфор и над интересот на разни центри на моќ“, рече Чаусидис.

Директорката на МИМ Билјана Петковски вели дека не постојат основи Кежаровски да биде задржан во притвор.
Уредникот на Нова Македонија Зоран Димитровски зборува на протестот на новинарите пред судот во Скопје поради притворањето на нивниот колега Томислав Кежаровски од Нова Македонија на 31 мај 2013 година.
Уредникот на Нова Македонија Зоран Димитровски зборува на протестот на новинарите пред судот во Скопје поради притворањето на нивниот колега Томислав Кежаровски од Нова Македонија на 31 мај 2013 година.

„Овој пример не само што ги обесхрабрува новинарите истражувачи, туку тој ги плаши. Значи се сее страв, а тоа во никој случај не може да биде во прилог на адресирање и решавање на и така натрупаните огромни проблеми со кои се соочуваме како медиумска фела, меѓутоа и како држава севкупно. Ова ќе има исклучително лоши последици не само врз слободата на изразување и слободата на медиуми, туку севкупно со статусот на човековите права во Република Македонија и би рекла вкупно имиџот и угледот на нашата држава“, вели Петковска.
Кога ќе помине преседанот ќе стане правило. Во иднина секој од нас може да го доживее тоа, за некој текст од пред не знам колку години, во црна ноќ да ви влетаат луѓе кои ќе ве приведат и притворат.
Јадранка Костова, новинарка.

Новинарката Јадранка Костова изјави дека целата судска постапка немаше да изгуби ништо ако Кежаровски се брани од слобода, но вака ќе изгуби угледот на Македонија.

„Кога ќе помине преседанот ќе стане правило. Во иднина секој од нас може да го доживее тоа, за некој текст од пред не знам колку години, во црна ноќ да ви влетаат луѓе кои ќе ве приведат и притворат“, рече Костова.

Претседателот на ЗНМ Насер Селамни, повикувајќи се на принципите на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, оцени дека мерката притвор за Кежаровски е неиздржана.

„Несоодветна примена на правото може да предизвика сериозни последици врз слободата на изразување, затоа што новинарите ќе се воздржат да пишуваат за прашања од јавен интерес“, рече Селмани.

Уредникот на Нова Македонија Зоран Димитровски, вели дека е страотно сознанието дека во притвор може да се остане и две години.

„Ако продолжи таквиот вид на насилие во овој случај против новинарот Кежаровски, тоа не само што говори за еден вид на психичка тортура, туку во прашање е и животот и здравјето на Кежаровски и буквално егзистенцијата не неговото семејство“, рече Димитровски.

Специјалниот известувач за слобода на мислење и изразување на ОН Франк Ла Ру, кој беше во посета на Македонија пред неколку дена, рече дека побарал дозвола да го посети Кежаровски во притвор, но оти не му било дозволено. Тоа генерира чувство на неказнивост на државните постапки и чувство на тоа дека државата не е транспарентна и дека се обидува да одржи одреден степен на тајност и заговор, рече тогаш Ла Ру.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG