Достапни линкови

Опозициските социјалисти победија на изборите во Албанија


Поддржувачи на албанските социјалисти слават во Тирана.

Поддржувачи на албанските социјалисти слават во Тирана.

Иако пребројувањето на гласачките ливчиња од неделните парламентарни избори во Албанија сè уште не е завршено, веќе е сигурно дека коалицијата „Алијанса за европска Албанија“ предводена од Социјалистичката партија на Еди Рама освои мнозинство во новиот состав на албанскиот Парламент.

Коалицијата на социјалистите досега освои 84 од вкупно 140-те места во Парламентот, додека десниот блок „Алијанса за работа, благосостојба и интеграција“ предводена од Демократската партија на актуелниот премиер Сали Бериша доби 56 пратенички мандати. Гледано по партии, во левиот блок, социјалистите имаат 66 пратеници, Социјалистичкото движење за интеграција на Илир Мета 17, а партијата на грчкото малцинство, Партија за заштита на човековите права на Вангел Дуле доби еден мандат. Кај десната коалиција, демократите освоија 48 пратенички места, а Партијата на Чамите на Шпетим Идризи и Републиканската партија на Фатмир Медиу добија по четири пратеници.

Досега се преброени околу 86 отсто од гласачките ливчиња, при што левата коалиција освоила 853.250 гласови, а блокот на демократите 577.857.

Иако се надеваа на успех, без пратеник останаа единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која беше во коалицијата на Бериша и се надеваше на еден пратеник, националистичката Алијанса „Црвено-црни“ на Крешник Спахиу, која најавуваше дека ќе освои најмалку десет пратеници, како и партијата Нов демократски дух на поранешниот претседател на Албанија, Бамир Топи, кој не ги криеше стремежите за повеќе од дваесет пратеници.

Рама вчера по вторпат го повика Бериша да ги признае изборите и да си замине од функцијата. Засега нема коментари во врска со изборите од страна на Бериша, а неговата партија соопшти дека тој ги чека официјалните резултати. По изборното фијаско, според аналитичарите, се очекуваат темелни промени во Демократската партија.
XS
SM
MD
LG