Достапни линкови

Нови протести на плоштадот Таксим во Истанбул


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Турската полиција употреби водени топови и димни бомби против луѓето што и синоќа протестираа на плоштадот Таксим во Истанбул. Стотици лица синоќа се упатија на протестниот марш кон Таксим, организиран како реакција на одлуката на Судот во Анкара за ослободување од притвор на полицаецот обвинет за убиство на демонстрант за време на антивладините протести во Турција. Полицаецот е обвинет дека на 1 јуни застрела 26-годишен учесник на протестите во Анкара, меѓутоа Судот реши да го пушти на слобода до почетокот на судскиот процес, со образложение дека „истрелот можеби бил случаен“.

Во меѓувреме, турската полиција уапси најмалку 20 лица за кои тврди дека биле вмешани во насилните протести, додека премиерот Реџеп Таип Ердоган продолжи остро да ги критикува демонстрантите и новинар на Би-Би-Си, кои, според него, се дел од заговорот против Турција. Полицијата изврши претрес во околу 30 домови во Анкара и приведе најмалку 20 лица поради наводни врски со „терористички“ групи и под обвинение за напад врз полицијата и јавни објекти за време на тринеделните протести во земјата. Ердоган обвини дека одговорни за протестите се неидентификувани странски сили, банкари и медиуми.

Во протестите, што започнаа на 31 мај како собир против уништувањето на паркот Гези, но потоа прераснаа во антивладини демонстрации, досега загинаа тројца демонстранти и еден полицаец. Според податоци на турското Министерството за внатрешни работи, од 31 мај, па досега на протестите учествувале вкупно 2,5 милиони лица во 79 од вкупно 81 округ во Турција. Главните протести беа организирани во Истанбул и Анкара. При судирите беа уапсени околу 4.900 демонстранти, а над 600 полицајци и околу 4.000 цивили беа повредени.
XS
SM
MD
LG