Достапни линкови

Започнува уписот во средно


Денеска почнува уписот во јавните средни училишта во земјава. Има вкупно 34.971 места во средните училишта. Од нив, 22.694 се за стручно образование. 11.597 во гимназиско, 408 во уметничко образование и 272 во спортска гимназија. Според јазикот на кој ќе се изведува наставата, 24.029 слободни места се обезбедени за учениците на македонски наставен јазик, 10.092 места за наставен албански јазик, за турски јазик 816, а 34 места за учениците кои ја следат наставата на српски јазик. Резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни. Квалификационото тестирање ќе се организира на 28 јуни, а резултатите ќе се објават на 29 јуни. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште. Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 1 и 2 јули, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 4 јули. Во Августовскиот рок ќе има едно пријавување и тоа на 22 август, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 23 август. Училиштата кои во двата уписни рока нема да ги пополнат утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс, продолжуваат со запишување на учениците до 30 август 2013 година. Според податоците на МОН во 2012/2013 година настава посетувале вкупно 22.990 осмоодделенци. Согласно Законот за средно образование, уписот во средно училиште е задолжителен.
XS
SM
MD
LG