Достапни линкови

Еквадор потврди дека Сноуден побарал азил


Министерот за надворешни работи на Еквадор потврди дека неговата земја добила барање за политички азил од поранешниот соработник на американската Национална служба за безбедност Едвард Сноуден, кого САД го обвинуваат за шпионажа. Министерот Рикардо Патино изјави дека се уште не е одлучено за барањето.

Сноуден ја помина ноќта на московскиот аеродром Шереметјево. Руската компанија Аерофлот претходно соопшти дека Едвард Сноуден дошол во Москва од Хонк Конг, но оти Русија не е негова конечна дестинација. Сноуден резервирал авионски билет од Москва за Хавана, каде што треба да слета денеска, а потоа имал резервирано билет од главниот град на Куба до престолнината на Венецуела, Каракас.

САД бараат екстрадиција на Сноуден, откако тој обелодени детали за тајни американски програми за надзор. Американскиот сенатор Чарлс Шумер обвини дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно знаел и го одобрил доаѓањето на Сноуден во Русија. Според него овој настан ќе има „сериозни последици“ за американско-руските односи кои веќе се затегнати околу Сирија и човековите права.
XS
SM
MD
LG