Достапни линкови

Функционери преку оглас за партиско разместување


Делува токму така како што треба да биде, транспарентно и привлечно, но јавна тајна е дека вработувањата во администрацијата сè уште се прават според партиска припадност.

Од надвор делува токму така како што треба да биде, транспарентно и привлечно, но јавна тајна е во Македонија од која сè уште не постојат изгледи дека ќе се ослободиме дека вработувањата сè уште не се одвиваат според ваквите принципи, ги коментираат експертите огласите кои ги објави Владата за стотина раководни позиции на централно и на подрачно ниво.
Нејасно е зошто ова го прави владата, меѓутоа по нејзина замисла веројатно вака ја сфаќаат демократијата и ја прават таа игра на демократија, значи отворена за сè и сешто, а резултатите се никакви.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Државата почнува да игра демократија по принципот на соцреалистичката демократија - отворени врати за сите, вели аналитичарот Алајдин Демири.

„Нејасно е зошто ова го прави владата, меѓутоа по нејзина замисла веројатно вака ја сфаќаат демократијата и ја прават таа игра на демократија, значи отворена за сè и сешто, а резултатите се никакви.“

Од сето ова, Демири не верува дека ќе произлезе нешто друго освен вработување партиски членови. Тоа е веќе цврсто востановен систем од кој не може да се избега, кој е јавна тајна и на кој народот почнува да му се прилагодува.
И тука се брише таа разлика меѓу она што е партиско и она што е државно. Опасностите се тука од друга природа затоа што во реалноста некои луѓе сметаат дека партијата ги ослободува од некоја одговорност.
Илија Ацески, универзитетски професор.

„Затоа се делат тие партиски книшки, затоа се преправаат дека се партиски луѓе, затоа се збиднува сето ова, во интерес на вработување, а од друга страна, пак, трагично станува што високо квалитетниот кадар почнува да бега затоа што не може оваа диктатура и тортура да ја прифати“, вели тој.

И додека за Демири новата практика на вработување преку овој тип на огласи е порака од владејачката партија дека сака да го смени имиџот во народна партија, за социологот Илија Ацески таа покажува внатрепартиски движења во владејачката партија за смена на внатрепартиската елита што води кон затворање на партијата сама во себе. Ова може да покажува и дека партијата на власт станува прегломазна, голем дел од членовите таму влегуваат заради остварување на својата кариера.

„И тука се брише таа разлика меѓу она што е партиско и она што е државно. Опасностите се тука од друга природа затоа што во реалноста некои луѓе сметаат дека партијата ги ослободува од некоја одговорност“, вели Ацески.

Но на овој начин власта го губи карактерот на јавна власт, што им нанесува штета на институциите и на ефикасноста на администрацијата. Иако, како што вели, не би ја исклучил веројатноста дека власта сака да покаже транспарентност, оние кои не се членови на партиите на власт сè уште немаат реални шанси во земјава и сè уште масовно ја напуштаат не успевајќи да видат можност дека ќе добијат шанса овде.
XS
SM
MD
LG