Достапни линкови

Деветтата симфонија на Бетовен за отворање на Скопско лето


Со изведба на Деветтата симфонија на Бетовен, под диригентство на маестро Шунго Моријама и со учество на 26-член мешан хор од Јапонија, на првиот ден од летото и на Светскиот ден на музиката - 21 јуни, во Македонската опера и балет, во 21 часот, свечено ќе биде отворено 34-то „Скопско лето“. На манифестацијата, на која активностите се во знак на сеќавање на 50 годишнината од скопскиот земјотрес учество ќе земат над 2.000 уметници од Македонија и од над 20 земји, а до 31 јули, на неколку сцени во градов, ќе бидат претставени 70 програмски содржини.

За почеток на 34-то издание на манифестацијата „Скопско лето“- голем музичко-сценски спектакл. Бетовеновата најголема и најмонументална симфонија ќе ја чуеме во изведба на 26-член мешан хор од Јапонија заедно со комплетниот состав на Хорот и Оркестарот на МОБ. Концертот ќе го води познатиот диригент Шунго Моријама, а солисти ќе бидат сопранистката Еми Хишики, баритонот Кеизуке Отани, мецосопранот Ирена Кавкалевска и тенорот Ѓорѓи Цуцковски.
Се надевам дека со заеднички сили на гостите солисти, членовите на хорот, под диригентската палка на маестро Моријама, ќе биде едно грандиозно отворање и дека ќе доживееме еден прекрасен концерт.
Александар Котевски, директор на Македонската опера.

„Се надевам дека со заеднички сили на гостите солисти, членовите на хорот, под диригентската палка на маестро Моријама, ќе биде едно грандиозно отворање и дека ќе доживееме еден прекрасен концерт“, вели Александар Котевски, директор на Македонската опера.

Шунго Моријама, диригент.
Шунго Моријама, диригент.
На 34-то „Скопско лето“ учество ќе земат околу 2.000 уметници од Македонија и од над 20 светски земји, а до 31 јули ќе бидат претставени 70 одбрани програмски содржини. Настаните ќе се одржуваат главно на отворените простори низ градот, а главни локации се МОБ, платото пред Универзална сала и Старата скопска чаршија.
Активностите годинава се во знак на сеќавање на 50 годишнината од катастрофалниот земјотрес и потсетување на светските денови на солидарноста кои што по тој повод ги имавме во Скопје, потем и на 50-те години од Елисејскиот договор за соработка помеѓу Франција и Германија што е поткрепа за денешната Европска унија и на 50 години од Музичка младина на Македонија.
Мирко Стефановски, прв човек на Дирекцијата за култура на град Скопје.

„Активностите годинава се во знак на сеќавање на 50 годишнината од катастрофалниот земјотрес и потсетување на светските денови на солидарноста кои што по тој повод ги имавме во Скопје, потем и на 50-те години од Елисејскиот договор за соработка помеѓу Франција и Германија што е поткрепа за денешната Европска унија и на 50 години од Музичка младина на Македонија“, истакнува Мирко Стефановски, првиот човек на Дирекцијата за култура на град Скопје, организаторите на ова големо летно културно случување.

Инаку, на манифестацијата која годинава ќе се одвива под мотото „Урбана уметност“, ќе проследиме изведби на уште два големи ансамбла. На 25 јули во Салонот на МОБ ќе настапи Оркестарот на централниот Конзерваториум на Кина од Пекинг, а на 20 август, на кејот под Камениот мост, ексклузивен концерт ќе одржи Младинскиот оркестар на Европската унија. Станува збор за симфониски оркестар кој го чинат 125 музичари од 29 земји – членки на Европската унија и тој перформанс ќе биде надвор од редовната програма на „Скопско лето“.

Покрај нив ќе гостуваат и други камерни состави и солисти од Унгарија, Словенија, Австрија, Турција, Бугарија, Финска, Данска. Со репрезентативна програма ќе настапи и македонскиот национален ансамбл „Танец“, а како и во изминатите години и ова издание на „Скопско лето“ ќе понуди разновидни содржини - изложби, десетина претстави, меѓу кои и обновената „Солунски патрдии“ и премиерите на амбиенталната „5:17“ на режисерката Нела Витошевиќ и „Вондерленд театар“ и мјузиклот „Оливер Твист“ на Срѓан Јаничиевиќ во изведба на актерите од Театарот за деца и младинци. Тука се и гостувања на театрите од Прилеп и Струмица, во Сули ан ќе се одржи премиерата на филмот „Долга приказна“ на турскиот режисер Осман Синав, а во „Летно кино“ во Градски парк, од 6 јули натаму, следува ревија на наградени филмови од годинашниот „Астерфест“, француско-германско-македонскиот филмски концерт „So this is Paris“ - за половина век од Елисејскиот договор и други значајни остварувања. Згора на тоа планирани се и мултимедијалните проекти „Скопски урбани приказни“ и „Мое Скопје“ и неколку стендап-комедии.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG