Достапни линкови

logo-print

САД се подготвуваат на разговори со талибанците


Талибанската канцеларија во Доха

Талибанската канцеларија во Доха

Американски официјални претставници најавија дека во наредните денови ќе седнат да разговараат со талибанците. Тоа, како што оценуваат, ќе биде првиот чекор на долгиот пат кон завршување на дванаесет годишната војна во Авганистан.

Оваа најава следуваше откако талибанците во вторникот ја отворија нивната прва канцеларија во Доха и соопштија дека би сакале да почнат мировни разговори со американската влада. Преговорите за отворање на канцеларијата траеја повеќе од две години.

Ова претставува прв позначаен сигнал за примирје во 12 годишниот вооружен конфликт меѓу официјален Кабул и бунтовниците.
Ние не предвидуваме дека овој процес ќе биде лесен и брз, но мора да го вршиме паралелно со нашиот воен пристап. Во меѓувреме, им остануваме целосно посветени на нашите воени напори да ја поразиме Ал Каеда и на поддржувањето на авганистанските национални безбедносни сили.

Од кабинетот на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи денеска е соопштено дека тој ги прекинува разговорите со Американците за останување на американските сили во Авганистан и по 2014 година. Образложението е дека имало контрадикции меѓу она што го вели и го прави Вашингтон во врска со авганистанските мировни разговори.
На вчерашната цермонијата во Кабул со која беше означено американското предавање на безбедноста во земјата во рацете на авганистанските сили, претседателот Хамид Карзаи изјави дека планира да испрати тим во Катар за да разговара со талибанските лидери.

„Ние немаме никакви непосредни предуслови за разговори меѓу авганистанскиот мировен совет и талибанците. Но, имаме утврдени принципи. Првиот е дека разговорите, откако ќе почнат во Катар, мора веднаш да се преселат во Авганистан. Вториот е дека тие мора да донесат крај на насилството во Авганистан. И третиот принцип е дека разговорите не смеат да станат алатка за која било трета земја за спроведување на нејзините интереси во Авганистан.“

Оваа изјава на Хамид Карзаи веднаш беше пофалена од американскиот претседател Барак Обама кој оцени дека станува збор за храбар чекор.

„Ние не предвидуваме дека овој процес ќе биде лесен и брз, но мора да го вршиме паралелно со нашиот воен пристап. Во меѓувреме, им остануваме целосно посветени на нашите воени напори да ја поразиме Ал Каеда и на поддржувањето на авганистанските национални безбедносни сили“, изјави Обама во Северна Ирска, каде што учествуваше на самитот на Г8.

Во соопштението, талибанците велат дека сакаат добри односи со соседните земји и оти поддржуваат политичко решение во Авганистан. Американски официјални претставници соопштението го оценија како прв чекор за дистанцирање на талибанците од меѓународниот тероризам.

Сепак, Вашингтон очекува од нив експлицитно да ги прекинат сите врски со Ал Каеда.

„Во суштина ова нема да биде процес на американско талибански преговори, туку преговори меѓу самите Авганистанци. Нивото на доверба меѓу двете страни е екстремно ниско и ние можеме да помогнеме да се напредува. Значи тоа ќе биде долг и тежок процес“, вели неименуван официјален претставник на Вашингтон, додавајќи дека Пакистан особено помогнал во убедувањето на талибанците да прифатат преговори.

Се најавува дека американската страна на првиот состанок со талибанските лидери нема да инсистира на суштински прашања, туку тоа ќе биде само размена на агенди.

„Ќе си кажеме што би сакале да разговараме“, цитираат новинските агенции извори во американската администрација.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG