Достапни линкови

Заев - Рикер: Неопходно е брзо решение на спорот со името


Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска се сретна со Филип Рикер, заменик помошник на државниот секретар на САД, надлежен за европски и евроазиски прашања.
На средбата, како што информираат од СДСМ, Рикер ја потврдил заложбата на САД дека и понатаму остануваат сериозно заинтересирани и посветени за состојбите во регионот.
- Рикер уште еднаш го потенцираше значењето на мултиетничкиот и мултиконфесионалниот карактер на Република Македонија и притоа силно ја истакна поддршката што САД и ја даваат на земјава за полноправно членство во НАТО и ЕУ, соопшти СДСМ.
Говорејќи за спорот со името, Рикер ја истакна неопходноста од брзо изнаоѓање на взаемно прифатливо решение и притоа укажа дека егзистирањето на македонската држава е суштинската гаранција за македонскиот идентитет.
Спомнувајќи го примерот на Србија и Косово тој укажа дека сериозно лидерство значи донесување на храбри одлуки. - Србија и Косово се доказ дека секој проблем и спор на Балканот може да се реши со соодветна методологија и пристап, констатираше Рикер.
Претседателот на СДСМ Заев го запознал Рикер со генералните планови на новото раководство на СДСМ, визијата и насоките во кои во иднина ќе се движат политиките на партијата.
XS
SM
MD
LG