Достапни линкови

Важноста на студентското организирање


Илија Јованов, претседател на Студентскиот парламент при Првиот приватен Универзитет – ФОН во Скопје.

Илија Јованов, претседател на Студентскиот парламент при Првиот приватен Универзитет – ФОН во Скопје.

Да ја оставиме политиката и партиските игри настрана и сите ние да застанеме заедно за нашите права, интереси и потреби - здружени во студентските парламенти! Да ги претвориме студентските парламенти во вистински храмови на демократија, заедништво и визија за подобро општество!, пишува во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа, Илија Јованов, претседател на Студентски парламент при Првиот приватен Универзитет – ФОН во Скопје.

Според одредени истражувања што се извршени во однос на студентското организирање во нашата држава, еклатантен е податокот дека повеќе од 80 отсто од студентите не се членови на ниту една студентска организација. Оваа состојба мора да се промени и мора да се изнајдат начини како студентите да се вклучат во студентските организации, кои сепак (треба да) постојат за да ги штитат нашите права и интереси.
Сѐ додека водечки принцип во животот на младите луѓе е конформизмот, а мисла водилка е „наведната глава сабја не ја сече“ – ние нема да можеме да зборуваме за младите како за движечка сила во општеството.

За да може да се промени состојбата, мора да видиме кои се главните причини поради кои младите луѓе не се вклучуваат во овие организации. Во прв ред, јас овде би ги сместил неинформираноста за постоењето, плановите и целите на студентските организации, потоа незапознаеноста со нивните активности, како и начинот за вклучување во истите.

Сѐ додека водечки принцип во животот на младите луѓе е конформизмот, а мисла водилка е „наведната глава сабја не ја сече“ – ние нема да можеме да зборуваме за младите како за движечка сила во општеството.

Неорганизираноста и апатичноста кај нашите студенти е видно забележлива. Но, со овие карактеристики кај нас младите луѓе, работите во високообразовните установи, но и во општеството во целост, нема да се променат. Нам ни е потребно сиот тој младешки ентузијазам, полетност, енергија и идеи да се насочат во правилна насока. Во насока за подобрување на условите за студирање, во насока за подобрување на студентскиот стандард, во насока на изградба на современи методи за настава и интерактивност на предавањата, во насока на организирање на практична настава и обуки, во насока за изградба на систем кој ќе овозможи платена работа за студентите во нивното слободно време. Можностите се неограничени. Сѐ зависи од нашите идеи и од нашиот труд! Треба само да се поттикне креативноста и активизмот кај младите.

Самото членство во студентските организации им помага на студентите во развивањето на критичкото размислување за процесите кои што се случуваат во високообразовните институции, или во поширока рамка за самите општествени процеси. Во зависност од интересот, студентите кои се инволвирани во студентските организации ја имаат можноста да учествуваат во спроведувањето на активности кои ќе им помогнат да ги развијат личните способности и вештини, како и да стекнат искуство кое после завршувањето на високото образование ќе им помогне во самиот процес на вработување. Моја желба, но и планирана активност од планот и програмата за работа на Студентскиот парламент при Првиот приватен Универзитет – ФОН во Скопје (СПФОН) е во иднина, студентите активно да учествуваат во сите општествени процеси и во донесувањето одлуки. Односно, гласот на студентите да биде слушнат во општеството, а Студентскиот парламент да биде местото од каде што ќе бидат упатени тие пораки.
Студентскиот парламент мора секогаш да ги претставува и застапува интересите, барањата и предлозите на сите студенти од институцијата на која тие ѝ припаѓаат и тоа пред органите на факултетот, Универзитетот, другите академски институции, органите на државната власт, јавноста и јавното мислење, како и пред меѓународните организации и институции.

Студентскиот парламент мора секогаш да ги претставува и застапува интересите, барањата и предлозите на сите студенти од институцијата на која тие ѝ припаѓаат и тоа пред органите на факултетот, Универзитетот, другите академски институции, органите на државната власт, јавноста и јавното мислење, како и пред меѓународните организации и институции.
Визијата на нашите студентските парламенти мора да биде насочена кон приклучување на македонските студенти кон европските високообразовни текови и активности. Ова подразбира ориентираност на структурата и работата на факултетите и Универзитетите кон потребите на студентот и негова лична образовна надоградба.
Во рамките на активностите кои ќе ги остварува Студентскиот парламент, секогаш мора да се води сметка за активното учеството на студентите во креирањето на високообразовната политика, за подигнување и одржување на високо ниво на квалитетот на наставата, за подобрување на студентскиот стандард, за развивање и задоволување на културните и спортските потреби на студентите, за информираност на студентите за тековните и идните активности на самата високообразовна установа, како и за меѓусебна соработка помеѓу сите студентски парламенти.

Да ја оставиме политиката и партиските игри настрана и сите ние да застанеме заедно за нашите права, интереси и потреби - здружени во студентските парламенти! Да ги претвориме студентските парламенти во вистински храмови на демократија, заедништво и визија за подобро општество!

Само доколку ги реализираме овие цели ќе можеме да ја промениме состојбата која што е забележителна денес. Младите луѓе треба да се вклучат во студентските организации, бидејќи само на тој начин ќе можеме да застанеме заедно за остварување на нашите права како студенти!

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG