Достапни линкови

logo-print

Сиријскиот режим ја мина црвената линија


Соединетите Држави имаат непобитни докази дека војниците на сиријскиот претседател Башар ал Асад користеле хемиско оружје против опозициските сили. Претседателот Барак Обама претходно изјави дека тоа е црвената линија чие минување може да доведе по поголемо американско вклучување во сиријската криза.

Заменик советникот за национална безбедност Бен Родес соопшти дека американските разузнавачки агенции имаат многу доверливи докази кои покажуваат дека сиријската влада во минатата година неколку пати употребила хемиско оружје, вклучувајќи го и нервниот гас сарин, против опозициските бунтовници.

Во изјавата се прецизира дека меѓу 100 и 150 луѓе загинале како резултат на употребата на хемиско оружје. Родес додаде дека не постоеле уверливи докази кои би сугерирале оти и бунтовниците користеле таков вид оружје.

Тој најави дека Вашингтон ќе почне да им дава воена помош на бунтовниците, но засега не е јасно каква ќе биде таа.

„Претседателот донесе одлука за обезбедување поголема поддршка за опозицијата. Тоа вклучува директна воена поддршка на опозицискиот Врховен воен совет. Не можам детално да ви кажам за какви типови помош станува збор, но потенцирам дека тоа ќе биде нешто поразлично од она што досега им го дававме на опозицијата.“

Постојано велиме дека употребата на хемско оружје претставува кршење на меѓународните норми и минување на црвените линии што со децении егзистираат во меѓународната заедница.
Ова веднаш беше проследено со барања од неколкумина конгресмени на силите на сиријската опозиција да им се обезбедат антитенковски и ракети од типот „земја, воздух“.

Сиријските бунтовници, по серијата загубени битки со режимските сили, веќе соопштија дека имаат потреба од итна испорака на противоздушни топови. Досега, Соединетите Држави и дава на опозицијата само таканаречена несмртоносна помош.

Оружјето за бунтовниците главно доаѓа од Саудиска Арабија, Катар и Турција. За време на конфликтот, Русија продолжи да ја снабдува со оружје сиријската влада.

Претходно и Франција и Британија соопштија дека имале докази оти силите на претседателот Башар ал Асад употребиле хемиско оружје. Тогаш тие успеаа да издејствуваат и прекин на ембаргото за оружје на Европската унија против Сирија.

Американската одлука за обезбедување воена помош следеше по дебатата во администрацијата на Обама дали таквиот потег би бил мудар. Некои се загрижени дека оружјето би завршило во рацете на антизападни милитанти, како припадници на Ал Каеда кои им помагаат на бунтовниците во Сирија.

Заменик советникот за национална безбедност Бен Родес изјави дека Вашингтон ја информирал Москва оти сиријскиот режим користел хемиско оружје.

„Постојано велиме дека употребата на хемско оружје претставува кршење на меѓународните норми и минување на црвените линии што со децении егзистираат во меѓународната заедница.“

Вчера Обединетите нации соопштија дека во Сирија до крајот на април годинава загинале околу 93 илјади луѓе. Според сиријската опозициска „Опсерваторија за човекови права“ со седиште во Лондон, вистинскиот број на жртвите би можело да биде над 120 илјади, со оглед на тоа што сиријската влада ги криела сопствените загуби.

Конфликтот почна во март 2011 година како мирен протест против авторитарниот режим на претседателот Асад, но по острата реакција на владините сили, тој прерасна во граѓанска војна.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG