Достапни линкови

Џони Ротен со пост-панк химните ќе го освојува Скопското Кале


Со идеја да ги претстави македонските музички супер-брендови од повеќе жанрови од изминативе две децении како „Ласт експедишн“, „Санаториум“, „Ареа“, „Нокаут“ и „Пеперминт“ и со панк-првоборецот Џони Ротен или Лајдон и неговите „ПИЛ“ како единствени гости, денеска на Кале ќе се одржи 10-то издание на фестивалот „Скопје гори“ што како организатор го потпишува „Авалон продукција“, дефинитивно една од најагилните промотерски куќи на Балканот.

Во годините кога безмалку на прстите од една рака можат да се избројат рокенрол концертите на некои од вистински големите имиња од светската сцена на нашево турбоидно буниште, „Авалон продукција“, за 10-годишнината од фестивалот „Скопје гори“, го носи Џони Лајдон и новото окровение на „ПИЛ“.
Минатата година кога го работевме нивниот концерт на фестивалот „Belgrade calling!“ воспоставивме една фантастична врска која што еве продолжи да трае и со драго срце Ротен ја прифати понудата кога му кажавме дека ова за нас е посебен фестивал, дека со него „Авалон продукција“ ја одбележува 20-годишнината од своето делување, и нормално тој ќе биде главниот гостин на 10 -от „Скопје гори!

Го носи Ротен, пејачот на „Секс пистолс“, една од клучните фигури на панк-револуцијата од втората половина на 1970-те и бунтовникот кој наместо да го положи егото на барикадите одбра да биде свој и во годините кога според мнозина можеби и не му прилега да ја бие битката со естаблишментот од секој вид, против религијата, класниот систем, монархијата...
Џони Ротен, музичар.

Џони Ротен, музичар.


Како автор на една од најизведуваните песни на сите времиња, пародичната и остра „God Save The Quеen“, запаливата химна "Anarchy In The UK“ и згора на тоа на пост-панкерските „This is Not a Love Song“, „Rise“, „Death Disco“ од времето кога се збогува со разулавената банда, Лајдон денес е во лагодна позиција, како што самиот вели, „не да биде револуционер или можеби социјалист, туку само индивидуалец кој гласно го кажува сопствениот став за нештата“. Од таму нималку не чуди што во своите интервјуа честопати знае да потенцира дека „неговата политика е неограниченото чувство на индивидуалност, дека го жестат елитите кои луѓето ги гледаат како бројки во избирачките списоци и единствено кон што се стремат е масовната униформираност“.
Најверојатно ова е последната свирка на „Ласт екпедишн“ бидејќи вчера сериозно се испокаравме, но со „Авалон“ имаме цврст договор така што ќе мора да го испочитуваме до крај. Мене лично ми е особено драго што кариерата најверојатно ќе ја завршам на заеднички концерт со човекот кој за мене остана Џони Ротен, па повелете да се видиме овој петок!

Ако на ова му се додадат пораките документирани на неговата последна објава едноставно именувана како „This is PIL“, тогаш далеку сме од уверувањето дека на Скопско кале ни претстои средба со „пензионер“ или „ислужена рок ѕвезда“, туку со човек што сака да остане исправен и горд пред налетот на годините и на волците од дискографската индустрија.

„Минатата година кога го работевме нивниот концерт на фестивалот „Belgrade calling!“ воспоставивме една фантастична врска која што еве продолжи да трае и со драго срце Ротен ја прифати понудата кога му кажавме дека ова за нас е посебен фестивал, дека со него „Авалон продукција“ ја одбележува 20-годишнината од своето делување, и нормално тој ќе биде главниот гостин на 10 -от „Скопје гори!“, истакнува Денис Илиоски.

А, ако го издвоиме настрана џониевото (се)присуство, тогаш останува пред него на отворената сцена да се изредат некои од домашните бендови кои според организаторите во изминативе две децении станале „македонски супер-брендови во различни стилови на музика и што докажале дека можат свирачки да се носат со мнозина извикани од светската сцена“.

Фестивалот ќе го отворат „Пеперминт“, а пејачот и гитаристот на групата Горан Трифуновски вели дека ним им е чест што ќе го сторат воведот во ова големо случување.

„Мило ми е што „Скопје гори!“ е посветен на македонските бендови затоа што, за жал, многу малку знаеме да си го цениме богатството што си го имаме и тоа богатството од овој тип, значи не зборувам за комерцијалните состави туку за оние што ги претпочитаат концертите и не пејат на плејбек, за вистинските.“

Костадин Качев Рус, гитаристот на „Санаториум“, забележува дека секој нареден концерт за нив како група е нова возбуда и најави нови песни за оваа средба со публиката.

„Од концерт до концерт секој си носи нешто свое, секогаш е тоа нешто ново, со нова возбуда како што било пред 15 – 20 години така и сега. Ние ќе отсвириме и три нови песни кои што ќе се најдат на нашиот нов албум за кој не знаеме кога ќе биде објавен, а како тоа ќе звучи публиката ќе чуе на самиот концерт.“

Со нов сингл како предвесник на новиот албум на „Скопје гори“ ќе се претстават и „Ареа“, а Никола Перевски Пере и Владимир Крстевски Франц од „Нокаут“ навестија едно поинакво издание на својот состав.

„Ова за „Нокаут“ ќе биде еден настап пред навистина најкомплексната публика пред која ќе свириме или би свиреле досега во сооднос на тоа каква музика ние правиме и твориме. За нас е битно едноставно да се качиме на сцената и да засвириме. Ако се претставиме во добро светло би добиле повеќе публика отколку што би изгубиле.“

Сепак, најблиску до себе, до поимањето на рокенролот и бунтовничката идеологија, та ако милувате и до присуството на некогашната панк икона која му одолева на времето, во изјавите пред случувањето остана пејачот и басистот на „Ласт експедишн“ - Енис Хаџиќ Енко, кој на големо изненадување на прес-конференцијата пред „Скопје гори“, го најави збогувањето на бендот со публиката.

„Најверојатно ова е последната свирка на „Ласт екпедишн“ бидејќи вчера сериозно се испокаравме, но со „Авалон“ имаме цврст договор така што ќе мора да го испочитуваме до крај. Мене лично ми е особено драго што кариерата најверојатно ќе ја завршам на заеднички концерт со човекот кој за мене остана Џони Ротен, па повелете да се видиме овој петок!“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG