Достапни линкови

logo-print

Грците шокирани од затворањето на ЕРТ


Пред ЕРТ, Атина, 11.06.2013.

Пред ЕРТ, Атина, 11.06.2013.

Грција од денеска нема државна радио-телевизија. ЕРТ е привремено затворена со декрет на владата, а во рамките на мерките за штедење. За владата со тоа е ставен крај на непотребните трошоци, додека за вработените и опозицијата тоа е своевиден владин државен удар.

Во време кога грчкиот народ се жртвува, нема простор за одлагање или за толерирање „свети крави“. Вака портпаролот на конзервативната влада Симос Кедикоглу, и самиот поранешен новинар во Грчката радио телевизија, ја објави одлуката за затворање на оваа национална компанија по нејзино скоро 75-годишно постоење.
Трите домашни телевизиски канали, заедно со регионалните и националните радио станици ја чинат Грција 300 милиони евра годишно, или три до седум пати поскапо од другите телевизии кои имаат поголема следеност.

Според него, ЕРТ бил случај на исклучителен недостиг на транспарентност и неверојатно претерување.

„Трите домашни телевизиски канали, заедно со регионалните и националните радио станици ја чинат Грција 300 милиони евра годишно, или три до седум пати поскапо од другите телевизии кои имаат поголема следеност“, прецизира Кедикоглу.

Тој најави дека отпуштените, скоро 2.700 вработени, ќе можат повторно да конкурираат при формирањето на нова помала државна радио телевизија, без да наведе кога би можело да се случи тоа.

Ова е пуч не само против ЕРТ, туку и против грчкиот народ.
Оваа изенадувачка мерка е најдрастична во досегашните напори на владата да ги исполни условите на меѓународните кредитори за излез од должничката криза.

Илјадници вработени се собраа во просториите на ЕРТ, носејќи пароли „Долу хунта, ЕРТ нема да биде затворена“.

Димитрис Пападимитру, генерален директор на радио сервисот и познат композитор изјави дека ова е удар за демократијата и оти ниту воената хунта за време на нејзиното владеење не се осудила да го стори тоа.

На собирот се појави и опозицискиот лидер Алексис Ципрас.

„Ова е пуч, не само против ЕРТ, туку и против грчкиот народ“, оцени тој.

Затворањето предизвика и недоразбирања во кршливата трипартиска влада на премиерот Андонис Самарас.

„Јавниот сервис не може да биде затворен“ изјави Јанис Манијатис, од ПАСОК, наведувајќи дека неговата партија не била консултирана за ваквиот потег.

Социјалистите го поврзаа затворањето на ЕРТ со барањето на тројката меѓународни кредитори, ЕУ, ЕЦБ и ММФ, за отпуштање на две илјади државни службеници до август годинава.

Вработените во грчката радио телевизија неколку пати организираа прекин на работата противејќи се на реконструкцијата на нивниот сервис.

Реагираше и претседателот на Европската радиодифузија Жан Пол Филипо кој побара од премиерот Самарас да ја смени одлуката.
премиерот на Грција Андонис Самарас

премиерот на Грција Андонис Самарас


Во писмото тој, меѓу другото, вели: „Националната радио телевизија е многу важна токму во време на национални тешкотии“.

ЕРТ долго време важеше за бастион на квалитетна програма во медиумско опкружување во кое доминираат комерцијалните телевизии.

Но, таа исто така беше користена од владите за обезбедување сигурна работа за политичките приврзаници и иако декларативно беше независна, Грчката радио телевизија главно беше посветена на промовирање на политиките на владејачките партии.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG