Достапни линкови

Баскерфест во освојувачки поход на Македонија


Повеќе од 100 артисти од 20 земји од светот ќе земат учество на осмото издание на фестивалот на улична уметност - „Баскерфест“, кое овојпат ќе се одржи од 12 јуни до 3 јули и сем во Скопје ќе се случува во уште 12 градови во Република Македонија. Како ѕвезди на манифестацијата се најавуваат „Ил посто“, трупата од Италија која со својот вертикален танц ќе ги освојува ѕидините на Веро центар и Порта Македонија, и Новозеландците „Старбој“ кои ќе ја изведуваат својата спектакуларна рок-опера „Вечност“.

Скопје и Република Македонија во наредниве дваесеттина дена ќе прераснат во регионален центар на уличната уметност. На актуелното осмо издание на „Баскерфест“, првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал, е планирано учество да земат повеќе од 100 артисти (танчари, жонглери, пантомимичари, музичари...) од над 20 земји од светот кои ќе се обидат со својата креативност да ја чествуваат слободата на начинот на кој само тие знаат и умеат. И, сето тоа под отворено небо, за насмевка или кованица повеќе во шеширот и со единствена намера да биде предизвикано вниманието на намерниците и на случајните минувачи.
Магијата е мојот живот. Со неа се занимавам во последниве 20 години и затоа моето актуелно шоу се вика „Екстремна магија“. Во него освен со оваа дисциплина се бавам и со исчезнувања и со факиризам.

Караванот ќе тргне утре од Гевгелија, а спектакуларното отворање треба да се случи в петок, во 19 часот, кога италијанската трупа „Ил посто“, со својот несекојдневен вертикален танц, ќе го започне освојувањето на фасадата на скопскиот „Веро центар“. Истото тоа ќе го стори три часа подоцна и со ѕидините на Порта Македонија, а од програмата посебно за издвојување се перформансите на „Старбој“ од Нов Зеланд, деветчлена дружина која во изведбата на својата рок-опера „Вечност“, сем музиката користи акробатска кореографија и несекојдневни пиротехнички елементи.
Јас одамна го имам ова како идеја, но еве дури сега успеавме да ја спроведеме во дело. Догодина „Баскерфест“ ќе трае месец дена, ќе има повеќе артисти чии перформанси нема да се поклопуваат и ќе ги покриеме сите викенди во јуни.

Во музичкиот дел, со особено внимание се очекуваат настапите на реге-колективот „Дел арно бенд“ и „Ајсбрн“ од соседна Србија, Хрватите „Наш мали афро бенд“ и нашите „Кабадајас“, „Шутка рома рап“, „Фукиш грин“, „Милко“, „Подземен ефект“ и други.

Од друга страна, не смеат да се заборават ни артистите како Диего Алавареш, маестралниот бразилскиот илузионист, канадскиот жонглер Џеј, шоуто „Бајкерина“ и така со ред.

„Магијата е мојот живот. Со неа се занимавам во последниве 20 години и затоа моето актуелно шоу се вика „Екстремна магија“. Во него освен со оваа дисциплина се бавам и со исчезнувања и со факиризам“, вели Аргентинецот Диего Меневит кој деновиве не се дели од своите колеги – извонредните албански брејкденсери кои често можат да се видат каако танцуваат и одржуваат работилници во европските метрополи.

Конечно, најголемата придобивка од ова издание е фактот што тоа прераснува во „БАСКЕРФЕСТ МАКЕДОНИЈА“, што претпоставува дека поголемиот дел од планираните перформанси ќе ги видат и граѓаните во уште 12 градови од земјава. Тоа, како што вели Пане Темов од Здружението на граѓани „Еден пат“ - иницијаторите и организаторите на уличниот фестивал, е всушност заокружување на долгогодишната идеја со која ја започнале својата баскерџиска авантура.

„Јас одамна го имам ова како идеја, но еве дури сега успеавме да ја спроведеме во дело. Догодина „Баскерфест“ ќе трае месец дена, ќе има повеќе артисти чии перформанси нема да се поклопуваат и ќе ги покриеме сите викенди во јуни.“

Темов дополнува дека во случајов се опфатени градовите Гевгелија, Крива Паланка, Виница, Велес, Тетово, Радовиш, Берово, Дебар, Струмица, Битола, Прилеп и дека случувањата завршуваат на 3 јули во Дојран.

Манифестацијата осма година по ред е поддржана од Град Скопје (овојпат со 900.000 денари), а за нејзиното одржување во своите места помогнаа и локалните самоуправи (освен во Струмица каде баскерџиите ќе гостуваат на покана на сопствениците на рестораните и кафулињата).

Кон ова само уште информацијата дека „Баскерфест 2013“ има и своја интернет страница, а во 50.000 примероци го отпечати и новото издание на весникот во кој е поместена и комплетната програма и кој бесплатно ќе им се дели на граѓаните.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG