Достапни линкови

Македонија последна во регионот во Глобалниот индекс на мирот


Македонија во најновиот Глобален индекс на мирот, што е објавен денеска, е рангирана на последното место во регионот, а заедно со Турција ги дели последните две места во Европа. Станува збор за анализа на Институтот за економија и мир со која се рангираат земјите според нивниот мир. Исланд го зачува статусот на најмирна земја, додека на дното на списокот е Авганистан.

Во годинашниот Глобелен индекс на мирот Македонија е рангирана на 79 место и како единствена во регионот се најде во групата на земји со среден мир.

Во образложението се наведува дека Македонија страдаше од лошите односи со нејзините соседи, во облик на, како што се вели, територијален спор со Грција и обвинувањата од Бугарија дека Македонија бара соодветен дел од бугарската историја. Тоа ги водеше шефовите на дипломатии на двете земји да го одложат одредувањето датум за отворање преговори за влез на Македонија во Европската унија.
Внатрешните тензии меѓу етничките Македонци и етничките Албанци остануваат проблематични, иако е малку веројатно дека е можно враќање на меѓуетнички вооружен конфликт во земјата.

Во исто време, се наведува во образложението на анализата, внатрешните
тензии меѓу етничките Македонци и етничките Албанци остануваат проблематични, иако е малку веројатно дека е можно враќање на меѓуетнички вооружен конфликт во земјата.
Македонија во минатогодишниот Индекс беше пласирана на 68 место, што сега го зазеде Грција, која заедно со Шпанија, Португалија и Франција, поради економските тешкотии, бележи намалување на условите за мир.

Во Глобалниот индекс кој е составен од индикатори кои го мерат отсуството на насилство во општеството се земаат предвид и надворешните и внатрешните фактори. Притоа се опфатени 162 земји или 99 насто од светската популација.

Според годинашиот Глобален индекс најдобро пласирана во регионот, односно на 28 место е Хрватска, Србија на 62, Босна и Херцеговина на 71, по што следат Косово и Црна Гора.

Во извештајот се прецизира дека зголемувањето на бројот на убиства и на трошоците за вооружување во некои земји го направиле светот понемирно место за живеење. Во минатата година 110 земји станале понемирни, додека само 48 ја подобриле својата ситуација.

„Не само лани, туку и шестгодишниот тренд покажува дека почеток на конфликт може да се случи брзо, но оти мирот се подобрува постепено и мора да се негува долго време со зајакнување на институциите и структурите кои го поддржуваат“, вели Стив Килилеа, основач и директор на Институтот за економија и мир кој го подготвува Глобалниот индекс на мирот, заедно со меѓународна комисија на независни експерти.

Тој притоа ги посочува примерите со Либија и Авганистан каде што поради политичката нестабилност се зголемува и бројот на терористички акти. Во студијата се наведува и граѓанската војна во Сирија, како и големите воени трошоци на Иран и на Ирак.

Русија и регионот на Евроазија остануваат меѓу најнемирните земји и региони во светот, пред Јужна Азија, Блискиот Исток и Северна Африка.

Европа го задржа рејтингот на најмирен регион, а 13 европски земји се најдоа на првите дваесет места во светот. На врвот и годинава е Исланд.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG