Достапни линкови

Недовршени модернизации - половина век по земјотресот


„Недовршени модернизации: помеѓу утопијата и прагматизмот“ е насловена изложбата што, по повод 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес, од 10 до 30 јуни, се одржува во Музеј на град Скопје. Станува збор за финале на двегодишниот истоимен проект реализиран во рамките на европската програма Култура 2007 – 2013 и за иницијатива за долгорочна истражувачка платформа за архитектура и урбано планирање на просторите на поранешна Југославија.

По Марибор кој во 2012 беше Европски град на културата, Љубљана, Задар, Белград, Сараево и Цетиње, изложбата „Недовршени модернизации: помеѓу утопијата и прагматизмот“ пристигна и во Скопје.
Она што уште повеќе би сакала е помладата генерација да стане дел од она што се случувало, да го согледа начинот на кој што се планирало, начинот на кој што се градело, да ја види поврзаноста и културните елементи кои што не спојувале. Мислам дека тоа им го должиме. Им го должиме поради фактот што со напорите да се избрише сето тоа ние ускратуваме една голема група нови генерации за еден објективен суд за она што се случувало.
Соња Дамчевска, Здружение на граѓани „Коалиција за одржлив развој“.

Замислена како големо финале на двегодишниот проект реализиран од Здружението на хрватските архитекти, „Орис“ куќа на архитектурата од Загреб, Музејот на архитектура и дизајн од Љубљана, Уметничката галерија од Марибор, Здружението на архитектите на Белград и „Коалицијата за одржлив развој“ од Скопје, оваа постановка која се одржува во рамките на одбележувањето на 50-годишнината на Скопскиот земјотрес; претставува иницијатива за долгорочна истражувачка платформа за архитектурата и урбаното планирање на просторите на поранешна Југославија, создавани во периодот од почетокот на заедничката држава до денес, гледано низ призмата на еден поширок социјален, политички и културен контекст.

Жално е што уникатноста на објектите се пресоблекува со плагијат. Оригиналноста и идентитетот не се гајат со ставање на монтажни фасади. Уникатноста ја имале оние кои што го дизајнирале градот, кој што го планирале градот. За жал ова што сега се случува мислам дека е нешто што повеќето скопјани, оние што си го сакаат градот, го чувствуваат многу тажно.
Соња Дамчевска, Здружение на граѓани „Коалиција за одржлив развој“.
„Мотивот на КОР и за овој проект и за оваа изложба е токму можноста да ги потсетиме повозрасните за она што се случувало, како се градело без розеви наочари. Реално имало и добри и лоши страни. Она што уште повеќе би сакала е помладата генерација да стане дел од она што се случувало, да го согледа начинот на кој што се планирало, начинот на кој што се градело, да ја види поврзаноста и културните елементи кои што не спојувале. Мислам дека тоа им го должиме. Им го должиме поради фактот што со напорите да се избрише сето тоа ние ускратуваме една голема група нови генерации за еден објективен суд за она што се случувало“, истакнува Соња Дамчевска од здружението на граѓани „Коалицијата за одржлив развој“.

Таа дополнува дека градов е евидентно присутен и во истражувањата на сите учесници на проектот, па како пример за тоа ги споменува 10 фотографии на објекти од вкупно 72 во одбирот на Волфганг Талер за перидот 1945 – 1990 година. Меѓу нив ги издвојува МОБ, Музејот за современа уметност, објектите на Ѓорѓи Константиновски – Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Архивот, училиштето „Песталоци“ - препознаено како уникатен тип на планирање и други. Како посебност ги издвојува и двете првонаградени макети од конкурсот за Централното градско подрачје на Скопје во 1965 година – едната од решението на Кензо Танге и другата од Заводот за урбанизам на Хрватска.

Сепак, според Дамчевска, посебноста на оваа мултимедијална постановка не е само во тоа што се претставени карактеристичните архитектонски и урбанистички практики од перидот на социјализмот во однос на општествениот контекст во кој тие настанале, туку и нивниот сегашен изглед и карактер.

„Жално е што уникатноста на објектите се пресоблекува со плагијат. Оригиналноста и идентитетот не се гајат со ставање на монтажни фасади. Уникатноста ја имале оние кои што го дизајнирале градот, кој што го планирале градот. За жал ова што сега се случува мислам дека е нешто што повеќето скопјани, оние што си го сакаат градот, го чувствуваат многу тажно.“

Инаку, изложбата „Недовршени модернизации: помеѓу утопијата и прагматизмот“ е подржана и преку Програмата за култура за 2013 на Министерството за култура на Република Македонија и на Град Скопје, а нејзини следни дестинации се Тирана и Загреб, по што организаторите очекуваат и нејзини претставувања во повеќе европски земји.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG