Достапни линкови

Илина Арсова - Првата Македонка на врвот на светот


Само околу 2.000 луѓе во светот, од кои помалку од 10 отсто се жени, успеале да се искачат на највисокиот врв на светот, Монт Еверест. Во таа бројка сега влегува и Македонката Илина Арсова.

Алпинистката Илина Арсова си го оствари сонот - стана првата Македонка која се искачила на највисокиот врв на светот Монт Еверест (8.848 метри). Овој подвиг, за кој се подготвуваше повеќе од една година, Арсова го оствари како дел од тричлена експедиција, која по два месеци, од кои месец дена поминати во услови над 5.000 метри надморска височина и по 20 часа во финалното искачување, на 23-ти мај стапна на „покривот на светот“.
Имаше моменти кога се прашував дали ќе можам да го поднесам тој напор кој што ме очекува, затоа што патувањето траеше доста долго, постојано се оди нагоре и ми се чинеше дека планината е толку голема што нема крај. Но, во финалните денови на искачување, тоа чувство на сомнеж веќе помина, бев максимално опуштена и знаев дека сум доволно силна и дека нема да имам проблеми кон главната цел, кон врвот.

За големината на успехот, кој го постигнале уште четворица Македонци (Димитар Илиевски - Мурато во 1989 година, Глигор Делев во 2007 година, Сашко Кедев во 2009 година и Здравко Дејановиќ во 2010 година) говори и податокот што тоа досега им успеало на само околу 2.000 луѓе во светот, од кои помалку од 10 отсто се жени. Во таа бројка сега влегува и Илина, чие прво искачување на врв поголем од 8.000 метри поминало без посериозни проблеми.

„Имаше моменти кога се прашував дали ќе можам да го поднесам тој напор кој што ме очекува, затоа што патувањето траеше доста долго, постојано се оди нагоре и ми се чинеше дека планината е толку голема што нема крај. Но, во финалните денови на искачување, тоа чувство на сомнеж веќе помина, бев максимално опуштена и знаев дека сум доволно силна и дека нема да имам проблеми кон главната цел, кон врвот“, изјави Илина, која на прашањето какво е чувството кога човек се наоѓа на врвот на светот и што претставува овој подвиг за неа, додава:
Има други врвови кои што се малку пониски, но потешки за искачување, така што мислам дека допрва почнува за мене кариерата во овој вид на искачувања.

„Прекрасно ха, ха. Највисоко сте! Сите други планини се пониско и нема каде погоре да се оди. Мене од секогаш ме привлекувале височините и тоа беше највисоката точка каде што може да се стапне на планетава. Освен задоволување на сопствен сон и предизвик, исполнување на сопствена цел, го чувствувам ова како едно достигнување што успеав да и го подарам на Македонија. Мислам дека тоа е гордост за секоја земја, да има свој претставник односно претставничка на највисокиот светски врв.“

Освојувањето на Монт Еверест е круна на кариерата на Арсова, но, тука не завршуваат нејзините амбиции. Напротив, желбата за искачување сега е дури и поголема, а цел се другите највисоки светски и континентални врвови.

„Има други врвови кои што се малку пониски, но потешки за искачување, така што мислам дека допрва почнува за мене кариерата во овој вид на искачувања, бидејќи сега сè повеќе имам желба нешто ново да остварам и да реализирам некоја нова цел, која што е поинаков вид на предизвик. Тоа се дали Хималаи, Алпи, Анди... Кој било врв кој што досега не сум го качила, нормално дека сакам да го качам. А, такви има многу“, истакна на крајот Илина Арсова.

Таа во досегашната 12 годишна кариера македонското знаме го развеала на уште триесетина светски врвови, меѓу кои се највисокиот на Јужните Анди, Аконкагва (6.962 м.), потоа десетина алпски врвови, вклучувајќи ги и највисоките - Мон Блан, Матерхорн и Брајдхорн, па хималајскиот Ама Даблам(6.856), како и на неколку планини во Кина повисоки од 5.000 метри.
XS
SM
MD
LG