Достапни линкови

logo-print

„Графиката: Заеднички јазик“ – изложба на дела на ученици во КИЦ


35 графики во линорез, изработени од ученици од основните училишта „Лирија“ и „Исмаил Ќемали“, се претставени на ликовната изложба „Графиката: заеднички јазик“, што од 6 до 14 јуни, се одржува во Културно-информативниот центар во Скопје. Делата беа работени во текот на изминативе неколку месеци под менторство на ликовната уметница м-р Шќипе Мехмети, а организатор на проектот е здружението „Сенсус“.

Анеса Шеху, Стефан Домазетов, Дрин Шаќири, Валентин Поповски, Ерда Ебипи, Дефне Еминовска, Зинета Бихорац, Искра Тодорова и Ава Буши се само некои од петнаесетината ученици од основните училишта „Лирија“ и „Исмаил Ќемали“, чии дела се претставени на ликовната изложба „Графиката: заеднички јазик“ што синоќа беше отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. Зад оваа постановка стојат ликовната уметница Шќипе Мехмети и здружението „Сенсус“, а проектот е помогнат од Општина Чаир.
Поентата на проектот не е само тие да научат да работат графика туку и да се дружат бидејќи како што знаеме ние навистина имаме проблеми на ова поле. Во школите само ги делат – Албанците во едни паралелки, Македонците во други. Мене ми беше идејата да ги соберам на едно место и да видам како тие ќе реагираат, дали ќе соработуваат, дали ќе се караат... Сакав тоа да биде еден вид експеримент, но потоа пријатно се изненадив. Иако некои од нив се отруени со политика, со вести и сè друго, тие одлично соработуваа и на крајот на проектот станаа пријатели, се помагаа меѓу себе. Тоа ме радува најмногу од сè – Ете успеавме да направиме добра комуникација меѓу себе.

„Поентата на проектот не е само тие да научат да работат графика туку и да се дружат бидејќи како што знаеме ние навистина имаме проблеми на ова поле. Во школите само ги делат – Албанците во едни паралелки, Македонците во други. Мене ми беше идејата да ги соберам на едно место и да видам како тие ќе реагираат, дали ќе соработуваат, дали ќе се караат... Сакав тоа да биде еден вид експеримент, но потоа пријатно се изненадив. Иако некои од нив се отруени со политика, со вести и сè друго, тие одлично соработуваа и на крајот на проектот станаа пријатели, се помагаа меѓу себе. Тоа ме радува најмногу од сè – Ете успеавме да направиме добра комуникација меѓу себе“, вели Мехмети.

Менторката дополнува дека ова е втор ваков проект што во овие две години го потпишало здружението „Сенсус“ и потенцира дека уметноста е она што ги спојува луѓето и посебно младите.

„Уметноста е клуч што ги отвора вратите и што ги спојува луѓето. Децата посебно. Тие се буквално млади уметници. Многу се талентирани. Конечно јас одбрав деца што навистина се талентирани и што сакаат да работат уметност. Уметноста не признава граници. Во неа нема националност, нема религија. Уметноста е она што отсекогаш ги спојувало луѓето.“

Од друга страна, нејзе и е потполно јасно дека другарството на 15-тина деца изразено преку творештвото за жал нема да го смени светот, но како што самата потенцира, „од некаде мора да се почне“.

„Од некаде мора да почнеме. Најнапред треба да почнеме од самите себе, како се однесуваме ние во реалноста, па потем да видиме како тоа го прават оние околу нас и така со ред. Јас вистински верувам дека ваквите проекти сепак се ефектни. Дека имаат влијание посебно кај децата.“

Уметницата и активистка е убедена дека „Графиката: заеднички јазик“ нема да биде инцидентен проект, туку практика која ќе ја развива низ поинакви форми на уметничко делување. Притоа, таа воопшто не крие дека следниот нејзин исчекор би бил работа со дечиња од предучилишна возраст во градинките.

„Таму треба да се едуцираат децата да не се делат. Од мали да ги учиме да соработуваат.“

Инаку, м-р Шќипе Мехмети е афирмирана уметница и графичарка на македонската ликовна сцена. Досега самостојно изложувала во Македонија, Србија и во САД. Учествувала на повеќе од педесет групни постановки во Албанија, Франција, Полска, Германија, Италија, Шпанија, Литванија, Египет и други земји, а добитник е на значајни професионални награди и признанија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG