Достапни линкови

logo-print

Изборот на Заев за лидер на СДСМ - топ тема во весниците


Конгресот на СДСМ и изборот на струмичкиот градоначалник Зоран Заев за лидер на партијата се топ теми во печатените медиуми во изминатата недела.

Дефинитивно топ тема во печатените медиуми во изминатата недела е изборот на Заев за нов претседател на СДСМ. Насловите се движат од лични претпоставки и оценки на новинарот или на редакцијата за тоа што ќе биде понатаму со најголемата опозициска партија до зајадливи забелешки во стилот: „Заев потешко ќе избега од сенката на Бранко отколку од минатото“ - Нова Македонија, и: „Чуварот на фотелјата на Црвенковски стана претседател. Почна распадот на СДСМ!“ - Вечер. Истиот весник во друг наслов асоцира на прекарот на Црвенковски: „Бел чад се чекаше од оџакот на Холидеј Ин“.
Шеќеринска, Спасовски и Николов ќе бидат најблиски соработници на Заев.

Дневник и Утрински одат со „голи“ наслови, без коментари или предвидувања: „Зоран Заев избран за нов претседател на СДСМ“, информира Дневник, а Утрински забележува: „Заев најавува дека ќе ја собори ВМРО-ДПМНЕ од власт“. Дневник се занимава и со кадровските промени што ќе уследат, па претпоставува дека „Шеќеринска, Спасовски и Николов ќе бидат најблиски соработници на Заев“.
Реакциите го сменија законот за медиуми - нова верзија на законот веќе од четврток ќе биде ставена на увид на јавноста, а во новиот текст се вградени дел од забелешките на новинарите.

Нова Македонија сепак забележува дека на конгресот во неделата Црвенковски повторно бил „главна ѕвезда“ и дека во салата делегатите аплаудирале и го извикувале неговото име, а надвор му приоѓале за да се поздрават. Дневник гледа и нова шанса, историска, како што насловува, за нова ера помеѓу закрвените непријатели ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Вечер не бега од својот стил, па во изданието од средата насловува: „Заев вчера на виски со Бранко, утре на кафе со Груевски“.

Се чини дека и кај нас може да проработи јавното и професионалното мислење: „Реакциите го сменија законот за медиуми - нова верзија на законот веќе од четврток ќе биде ставена на увид на јавноста, а во новиот текст се вградени дел од забелешките на новинарите“ - пишува Утрински.

Во врска со законот за абортус, „Жените му се нафрлија на министерот Тодоров“ - забележува Утрински пренесувајќи дел од мислењата на невладини организации и гинеколози дека законот треба да се повлече зашто се крши правото на избор на жената.

Дневник се обидува да „игра“ со бројката на невработени во земјава: дошол до информации дека само 100 илјади од 225-те илјади пријавени активно бараат работа, другите сакале да добијат социјални бенефиции.

Инаку, зеленчукот трипати е поскап од ланскиот јуни, и од година в година расте јазот меѓу оние што едвај преживуваат и оние што уживаат во богатство, насловува Утрински.

А, и тоа се случува во светот: Утрински насловува дека турската влада им се извини на демонстрантите против политиката на Ердоган, цитирајќи го вицепремиерот дека првите протести во Истанбул беа „праведни и легитимни“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG