Достапни линкови

Германија мака мачи да ги задржи имигрантите


Германија во моментов има корист од големата имиграција која доаѓа како резултат од кризата во периферните европски земји. Меѓутоа, како што анализира Стартфор, неодамнешните корекции во податоците за германската популација сугерираат дека најсилната европска економија не успева да ги задржи странците да останат во таа земја.

Подобра интеграција на имигрантите во германското општество ќе биде неопходна доколку Германија сака да ги ублажи ефектите од стареењето и намалувањето на нејзината работна сила.

Ревидираните статистички податоци од пописот во 2011 година покажуваат дека германската популација била за 1,5 милиони помала од она што претходно се мислело.

Со други зборови, 80 милиони и 200 илјади, наместо 81 милион и 700 илјади. Најголем пад од 73 насто е кај странците кои живеат во Германија. Претходните проценки беа дека во земјата има над 7 милиони луѓе без германски пасош. Се покажа дека тие се за 900 илјади помалку.

Германија се уште е најголемата нација во Европа, но новите податоци покажуваат дека германската демографска слика е многу лоша. Се постарата и помала популација ќе се одрази врз пензискиот систем и врз работната сила која придонесува кон тој систем.
Германија се уште е најголемата нација во Европа, но новите податоци покажуваат дека германската демографска слика е многу лоша. Се постарата и помала популација ќе се одрази врз пензискиот систем и врз работната сила која придонесува кон тој систем.

Германија планира да се справи со овој демографски предизвик преку пензиска реформа и поголема имиграција.

Лани Германија имаше највисоко ниво на имиграција од 1995 година. И додека повеќето имигранти се уште доаѓаат од Централна и Источна Европа, како Полска и Романија, најголем нивен пораст е забележан од Шпанија и Грција.

Германија веќе почна да спроведува програма за регрутирање на овие луѓе која содржи курс по германски јазик и ориентација на пазарот на трудот.

Сепак, експертите сметаат дека на Германија ќе и треба подолгорочна политика за задржување на имигрантите.

Во декадите по Втората светска војна, Германија активно примаше работна рака од странство, особено од Италија и од Турција.

Некои од нив по неуспешните обиди да се интегрираат или поради подобрите економски можности во нивните земји ја напуштаа Германија. Има податоци дека меѓу 2007 и 2011 година скоро 200 илјади Турци се вратиле во татковината.
Берлин е свесен дека постојат проблеми во интегрирањето на имигрантите и затоа сака постепени промени за решавање на проблемот.

Сегашниот бран на миграција од земјите погодени со економската криза нема да биде траен, а привлекувањето имигранти кои не се од Европа е голем политички и економски предизвик за Германија.

На Шестиот Германски имиграциски самит што се одржа кон крајот на мај беа предложени реформи за овозможување двојно државјанство. Сега странските деца родени во Германија мора до 21 годишна возраст да решат дали сакаат германско или државјанство на нивните родители.

Има и предлози за копирање на канадскиот и австралискиот систем со цел олеснување на условите добро едуцираните кадри да се населат во Германија. Берлин ќе мора нешто да смени за да обезбеди подолгорачна имиграција, но и тука лекот не е во политиката, заклучува Стратфор.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG