Достапни линкови

Над 1700 луѓе приведени во Турција


Повеќе од 1.700 луѓе приведе турската полиција во последните три дена за време на антивладините протести. Поголемиот број од приведените се ослободени, изјави денеска министерот за внатрешни работи Муамер Ѓулер.

Тој наведе дека од 28 мај до денеска во цела Турција регистрирани се вкупно 235 демонстрации.

Демонстрантите денеска попладне повторно се собрале на плоштадот Кизилај во Анкара во знак на поддршка на протестот на плоштадот Таксим во Истанбул, јави турската новинска агенција Анадолија.

Полицијата ги затворила сите патишта кои водат кон плоштадот Кизилај.

Демонстрантите се движеле кон булеварот Ататурк и зградата на Владата каде се судриле со полицијата. Насобраниот народ фрлал со камења и други предмети врз полицијата, а таа употребила солзавец и водени топови.

Во меѓувреме, турските медиуми јавија дека повторно има насобран народ и на Таксим во Истанбул.

Претходно, турскиот премиер Реџерп Таип Ердоган изјави дека протестите поради сечењето на дрвата во истанбулскиот парк Гези не се еколошки туку имаат идеолошки карактер.

„Во период кога Турција постигнува успеси во сите области, ние сме сведоци на непосакувани провокации. Гледаме како се обидуваат да предизвикаат хаос, каков што се користеше во минатото за да се собори Владата. Гледаме дека опозицијата и другите сили прибегнуваат кон провокации од безизлез, бидејќи знаат дека ќе изгубат на избори“, рече Ердоган.

Тој додаде дека е планирано да се реконструираат касарни од Османлиската империја во паркот Гези, но и да се сочува зеленилото, додека се уште нема конечна одлука за изградба на трговскиот центар.

Мирните граѓански демонстрации во Истанбул почнаа пред неколку денови, а прераснаа во антивладини и се проширија во другите градови.
XS
SM
MD
LG