Достапни линкови

Новинарските здруженија од регионот бараат ослободување на Кежаровски


Здруженијата на новинарите на Хрватска и Босна и Херцеговина, како и Синдикатот на новинарите на Србија реагираат на апсењето на новинарот Томислав Кежаровски кој веќе 5 ден се наоѓа во притвор во истражниот затвор во Шутка.

„Апсењето на новинарот Кежаровски е срамен чин на македонските власти и полициските структури и претставува најгруб атак врз слободата на изразување и сигурност на новинарите“, пишува Здружението „БХ новинари“ и „Линија за помош на новинарите“.

„Шокантно е што за апсењето на Кежаровски биле ангажирани вооружени специјални сили иако не постоеле никакви индиции дека тој би можел да се спротивстави“, велат од Здружението на новинарите на Хрватска.

„Фактот што апсењето е организирано 5 години од објавениот текст и во весник што повеќе не излегува фрла сериозни сомневања во мотивите што стојат зад овој чин и упатува на заклучок дека полицијата се обидува со апсење и застрашување да го натера Кежаровски да ги открие изворите на кои се потпира наведениот текст“. Притворот и барањето за откривање на изворот на информациите се удар не само за новинарот туку и за нашата професија. Заштита на изворот е меѓународен стандард и темел на истражувачкото новинарство. Во овој случај сериозно е прекршен овој демократски принцип“, пишува во реакцијата на Синдикатот на новинарите на Србија.

Од таму потсетуваат дека не е можно слободно општество без слободни медиуми и новинари.

Медиумските организации од регионот, во писмото за поддршка испратено до Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници во Македонија ја нагласуваат својата солидарност со македонските новинари кои станаа во одбрана на својот колега и на професијата и бараат итно ослободување на Кежаровски.
XS
SM
MD
LG