Достапни линкови

Неделен печат - Лустрација и избори во СДСМ


Неделниците во своите последни изданија се занимаваат со лустрацијата на професор Љубомир Фрчкоски, како и со изборот на лидер на СДСМ.

Авторот на редовната колумна во он-лајн магазинот Глобус жолчно реагира на последната „Лустрација во апартхејд“ на еминентниот професор на Правниот факултет во Скопје, Љубомир Фрчкоски, и ги разглобува состојбите што авторот ги нарекува „торнадо под име, не Оклахома, туку ВМРО кое пред себе однесе сè што почнуваше на буквата „м“.
Идејата на овие торквамедијантски комедијанти не е само во тоа да се тргне една истакната личност од јавната сцена, туку да се стави тој капиталец на антирежимскиот јавен дискурс во функција на јакнење на довербата во режимот или на стравот од него и во него сè посомничавото општество.
Глобус.

Глобус - Лустрација во апартхејд

„Фрчкоски е лустриран повеќе во својството на својата симболичка функција на она што чипираните идиоти и нивниот режим не се и никогаш нема да бидат отколку како конкретна личност“, пишува авторот на колумната и додава дека „идејата на овие торквамедијантски комедијанти не е само во тоа да се тргне една истакната личност од јавната сцена, туку да се стави тој капиталец на антирежимскиот јавен дискурс во функција на јакнење на довербата во режимот или на стравот од него и во него сè посомничавото општество.“

Глобус смета дека ќе се случи сосема спротивен ефект: луѓето ќе го трансформираат својот страв во презир, па дури и во омраза кон диктатурата на примитивноста која толку интензивно нè ослободува од институциите, од поединците и од политиките што му даваат отпор на лудилото.
Дали ќе се раситни СДСМ по изборот на новиот лидер или, конечно, ќе застане на поцврсти нозе?
Република.

Република - Во финалето на битката за тронот

Кога ќе го читате прегледов, почитувани, веројатно ќе се знае поконкретно за тоа кој ќе застане на чело на СДСМ, но Република во најновиот број оди со интересен наслов: „Заев води, Јовановски втор“, а слободата за ова рангирање неделникот ја заснова на своите извори од партијата, кои, меѓутоа, не ги наведува. „Во финалето на битката за тронот“, неделникот прашува дали ќе се раситни СДСМ по изборот на новиот лидер или, конечно, ќе застане на поцврсти нозе?

Притиснати од најавите за новите партии на Бучковски и Јакимовски, како и на тазе распаднатиот брак со неколку коалиционери, социјалдемократите се исправени пред битка што не смеат да ја загубат, добродушно им порачува Република. Втората, непосакувана реакција за „сините“ е да ја доживеат судбоната на ПАСОК, продолжува неделникот. Новото раководство ќе има тешка задача, предуслов ќе биде вистинската реформа и перестројка, која ќе треба да значи збогум со Црвенковски, но и со целото раководство. Не е само „папата“ виновен за поразите... го завршува текстот Република.

И Капитал во најновиот број го интересира: „Како ќе се менува тимот што губи?“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG