Достапни линкови

ЕУЛЕКС - Седумте припадници на поранешната УЧК се во притвор


Протест пред мисијата на ЕУЛЕКС во Приштина на 27 мај 2013 година.

Протест пред мисијата на ЕУЛЕКС во Приштина на 27 мај 2013 година.

Мисијата на ЕУЛЕКС потврди дека седумтемина поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), се во притвор, откако се уапсени доцна синоќа од нивните домови, каде беа во домашен притвор.

„Судиите на ЕУЛЕКС и на Апелациониот суд во Приштина ја модифицираа претходната одлука на Основниот суд од Митровица, изменувајќи ја мерката домашен притвор во 30-дневен притвор за седумтемина поранешни припадници на ОВК осомничени за воени злосторства врз цивилно население. Главната причина за определување на мерката притвор беше опасноста од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците“, се наведува во соопштението на мисијата на ЕУЛЕКС.

Седумтемина, меѓу нив и косовскиот амбасадор во Тирана, Сулејман Селими, како и уште девет други лица, се товарат за воени злосторства врз цивилното население во Ликовац, кај косовскиот град Скендерај.

Селими, според косовските медиуми, е осомничен и за убиство. Тој е поранешен Командант на Генералштабот на ОВК, познат под псевдонимот „Султан“, а по косовската војна беше Командант на безбедносните сили на Косово, додека минатата година премиерот Хашим Тачи го именува за прв косовски амбасадор во Албанија.

Освен Селими меѓу притворените и е претседателот на Општина Скендерај, Сами Луштаку, потоа Јашар Демаку, Сахид Јашари, Зеќир Демаку, Хисни Тачи и Авни Забела.

Адвокатот на Селими, Том Гаши изјави дека оваа одлука е скандалозна и оти „оваа неправда може да им е во корист само на оние кои од ова очекуваат дестабилизација на Косово“.
XS
SM
MD
LG