Достапни линкови

logo-print

Сите бои на музиката на 12-тиот „Оф-фест“


Анушка Шанкар.

Анушка Шанкар.

Со ситаристката Анушка Шанкар, Колумбијците Ондатропика и хармоникашот Кимо Похјонен како најзвучни имиња, феноменалните Таксим трио од Турција, нашите Горан Трајковски и Елена Христова со проектот „Биоскопија“, Мароканецот Азис Самауи, Словенката Брина и Тори Ансабмл од Јужна Кореја, од 1 до 6 јуни, на неколку сцени во Скопје, ќе се одржи 12 издание на Оф-фест, манифестацијата која во годиниве наназад се обидува и успева да ни ги претстави сите бои на глобалните музики и да ни ја остави отворена портата за реална културна комуникација со светот.

Урбано Скопје и Република Македонија, во наредниве недела дена, ќе пулсираат во ритамот на глобалното созвучје. Со програма стокмена според високите естетски критериуми на организаторите – Скопје џез фестивал, на неколку локации во градов ќе ни се случи новото 12-то издание на „Оф-фест“, фестивалот „на една поинаква музика“ и нашата потреба барем за кратко да го сториме бегството од општествено-политичката и суб-културна какофонија на времево во кое живееме.
Кимо Похјонен.

Кимо Похјонен.

Во конципирањето и на годинашната програма се раководевме од тоа да ни бидат учесници од што поголем број на континенти бидејќи музичката сцена насекаде е многу витална, богата и многу креативна.

Горан Трајковски и Елена Христова со проектот „Биоскопија“.

Горан Трајковски и Елена Христова со проектот „Биоскопија“.

„Во конципирањето и на годинашната програма се раководевме од тоа да ни бидат учесници од што поголем број на континенти бидејќи музичката сцена насекаде е многу витална, богата и многу креативна“, ќе рече во предвечерието на фестивалот Оливер Белопета.
Индиската класична музика и сите слични стилови се она што јас го изучував и што го свирев сите овие години како музичар кој доаѓа од Индија. Сепак, морам да ви кажам дека јас слушам музики од сите страни на светот и од сите временски периоди и фламенкото е она што постојано ме провоцираше, што секогаш го љубев и што ме предизвикуваше да му пријдам како творец.

Таксим трио.

Таксим трио.

За почеток, в сабота, е предвиден концертот на популарната индиска ситаристка Анушка Шанкар, која во Универзална сала ќе го претстави својот актуелен рага-фламенко проект „Травелер“, со кој не само што успешно ги предочи корените на една од најпопуларните форми на современата шпанска музика, туку ја претстави и синтезата на сопствената звучна традиција со електрониката, џезот и со класичната музика. За ова остварување таа се стекна со номинација за наградата „Греми“, но и со титулата „Најдобар музичар“ според влијателниот музички магазин „Сонглајнс“.

„Индиската класична музика и сите слични стилови се она што јас го изучував и што го свирев сите овие години како музичар кој доаѓа од Индија. Сепак, морам да ви кажам дека јас слушам музики од сите страни на светот и од сите временски периоди и фламенкото е она што постојано ме провоцираше, што секогаш го љубев и што ме предизвикуваше да му пријдам како творец“, ќе забележи во едно свое интервју ќерката на легендарниот Рави Шанкар.

Втората фестивалска вечер, во Македонската опера и балет, е резервирана за настапите на ТАКСИМ ТРИО – еден од најинтересните музички феномени на Истанбул и нашите Елена Христова (пејачка на БАКЛАВА и БАБА ЗУЛА) и Горан Трајковски (АНАСТАСИЈА), кои ќе го претстават својот проект од 2011 година - „Биоскопија“, извонреден спој на различни музички изрази и влијанија – од македонската фолклорна традиција, преку византиската музика, класичните форми, па се до модерните текови.

На 4 јуни, во киното „Фросина“ ќе го проследиме перформансот на талентираната Словенка Брина Вогелник и нејзината група која со три албумски остварувања ( „Младо лето“ -2004, „Пасја легенда“ две години подоцна и „Слечена кожа“ од 2011) има повеќе од завидна интернационална репутација.

Потем следува „најжешката вечер“ на годинешново издание на „Оф-фест“ кога се очекуваат настапите на моќната и хипнотична мароканско-сенегалска комбинација Азис Самауи и ЈУНИВЕРЗИТИ ОФ ГНАВА и експлозивните ОНДАТРОПИКА, колумбискиот одговор на БУЕНА ВИСТА СОСИАЛ КЛУБ и бендот зад кој со својот авторитет стојат Марио Галеано и британскиот продуцент Вил Холанд.

И, конечно за крај на манифестацијата се предвидени настапите на волшебните јужнокорејски музичари ТОРИ АНСАМБЛ и финскиот виртуоз и револуционер на хармоника Кимо Похјонен, кого македонската публика го памети по извонредниот настап на Скопскиот џез фестивал во 2002 година.

Кон ова само уште информацијата дека во рамките на фестивалот, а во соработка со „МакеДокс“, на 3 јуни ќе биде прикажан документарецот кој го следи животот и творештвото на Похјонен насловен како „Саундбрејкер“, а како придружен настан во арт-кафе „Менада“ е планиран диџејскиот сет на Квантик и Френте Кумбеиро, заедно познати како ОНДАТРОПИКА САУНД СИСТЕМ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG