Достапни линкови

logo-print

Невладините и неделното интервју најкоментирани


Според коментарите по неделното интервју со француската амбасадорка во земјава, Лоренс Оер, може да се забележи негативното расположение на граѓаните кон нејзината земја. Граѓаните немаат доверба ниту во невладините организации.

Дрва и камења по нас за информацијата дека Европскиот парламент ја изгласал резолуцијата за Македонија. Како по некој терк, реакциите се сведуваат на тоа дека Радио Слободна Европа користи исти експерти, „застапувачи на уценувачите со шовинистички барања за самоукинување на македонскиот народ“, како што смета Миле од Охрид. За Коле од Кратово текстот е тенденциозен и злонамерен, а Стружанец прашува до кога опозицијата ќе кодошела и ќе работела против власта.
Франција ниту еднаш во историјата на независна Македонија не се покажала како нејзин искрен пријател.

А според коментарите по неделното интервју на Радио Слободна Европа со француската амбасадорка во земјава, Лоренс Оер, може да се забележи негативното расположение на граѓаните кон нејзината земја. Македон прашува дали сменето знаме и Устав не биле доказ за гест од наша страна, бидејќи таа во разговорот со нашиот новинар Слаѓана Васовиќ-Божиновска бара гест на добра волја како доказ дека Македонија е конструктивна во врска со преговорите со Грција за името. За МК Обсервер, амбасадорката е лицемерка, како и повеќето акредитирани овде. За него, Франција ниту еднаш во историјата на независна Македонија не се покажала како нејзин искрен пријател, а Орце од Велес наоѓа мана на нашите новинари дека не поставувале поостри прашања, како што вели, и смета дека Франција докажала дека не ни е пријател со тоа што меѓу првите ставила вето против нас на Самитот на НАТО во Букурешт.
Владата, како избрана од народот, е таа што треба да контролира кој, што и како работи во Македонија и да нè заштитела од труењата, што ги прават НВО-ата „финансирани од странски непријателски сили“.

Граѓаните немаат доверба ниту во невладините организации, барем според испратените ваши пораки за тоа дека власта директно се меша во работата на невладините организации во земјава. За редовниот Миле од Охрид Владата, како избрана од народот, била таа што треба да контролира кој, што и како работи во Македонија и да нè заштитела од труењата, како што пишува, што ги прават НВО-ата „финансирани од странски непријателски сили“. МК Обсеревер смета дека проблемот на невладините не била Владата, туку недостигот од блискост со граѓаните, и дека тие главно контактирале со донаторите и со спонзорите. Горан од Куманово, според познатата шема на поделба на граѓаните, забележува дека во текстот има, како што вели, премногу божем непартиски луѓе, а немало ниту еден кој не е „соросоид“. За некој потпишан со Камен, невладините си ја извршувале задачата поставена од газдите, а тие биле „белосветски хоштаплери“, како што ги крстил слушателот со цврстото име.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG