Достапни линкови

Убиството во Лондон, акт на тероризам


Бруталното убиство во близина на една касарна во Лондон, по се изгледа било мотивирано од радикалниот исламизам. Двајцата напаѓачи потоа беа застрелани од британската полиција и пренесени во притвор.

Британскиот премиер Дејвид Камерон ја прекина посетата на Франција и се врати во Лондон за да го координира одговорот на неговата влада откако војник во близина на една лондонска касарна бил избоден до смрт при што двајцата напаѓачи извикувале исламистички пароли. Камерон го оцени нападот за шокантен.

„Луѓето во цела Британија и сите заедници во земјата верувам дека ќе го осудат овој напад. Вакви напади имамвме и претходно во нашата земја но никогаш не им потклекнавме“, изјави премиерот Камерон, кој потврди дека има индикации оти станува збор за терористички напад.

Луѓето во цела Британија и сите заедници во земјата верувам дека ќе го осудат овој напад. Вакви напади имамвме и претходно во нашата земја но никогаш не им потклекнавме.
Ова сознание не е засновано само врз видео снимката на која се гледа како еден од напаѓачите со крвав сатар и нож во рацете ја критикува британската влада.

„Мораме да се бориме против нив, се додека тие се борат против нас. Се извинувам што жените беа очевидци на ова, но тоа исто мораат да го гледаат и нашите жени во нашата земја. Отстранете ја вашата влада, таа не се грижи за вас“, извикува на снимката црномурест маж со крвави раце.

Сведоците велат дека двајцата напаѓачи останале на местото на злосторството, охрабрувајќи ги да ги сликаат.

Полицијата во обид да ги уапси ги застрела по што ранети тие биле пренесени во притвор.

Убиениот, најверојатно војник, на себе имал облечено мајца со натпис „Помош за хероите“, што е име на хуманитарната организација за помош на ранети британски војници. Британија има распоредено војници во Авганистан и Ирак.

Соединетите Држави го осудија нападот и изразија поддршка за семејството на војникот и за британскиот народ.

Неколку часови по овој напад, стотина поддржувачи на крајно десничарскиот Англиски одбранбен сојуз, протестираа по улиците на Лондон.

Во меѓувреме, две лица биле уапсени поради сомневање дека учествувале во два одвени напада врз џамии во близина на Лондон. Во овие напади никој не бил повреден.

Британската влада ги заостри безбедносните мерки околу лондонските касарни.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG