Достапни линкови

ЕУ самит против даночните измами


Лидерите на со рецесија погодената Европска унија на денешниот состанок во Брисел ќе се обидат да му зададат удар на затајувањето данок што ја чини Европа над билион евра годишно. Тоа нема да биде лесно со оглед на противењето на Австрија и на Луксембург да соработуваат со другите членки на Унијата.

Со евроскептицизмот кој се повеќе зема замав како што во Европската унија растат редиците невработени, има извесна надеж дека еднодневниот самит ќе резултира со решеност за крстоносен поход против даночното затајување.

„Во време на затегнати буџетски ограничувања и кратења на трошоците, справувањето со даночните измами е повеќе од даночна правда“, оценува претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј во неговата покана до евролидерите за денешната средба, додавајќи дека даночната транспарентност е од клучна важност за политичката и социјалната прифатливост на фискалната консолидација.
Министрите за финансии на ЕУ во Даблин.

Министрите за финансии на ЕУ во Даблин.


Тоа неодамна го истакна и директорот на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард.

„Во еврозоната креаторите на политиката имаат постигнато многу во текот на еден краток временски период. Нивен приоритет сега е да ги поправат изнемоштените банкарски системи и да продолжат со банкарскиот сојуз.“

Идејата за намалување на даночнато затајување не е добро примена од некои, бидејќи така ќе загубат лесна заработувачка.
Но, на минатонеделните разговори на министрите за финансии Австрија и Луксембург одбија да го потпишат планот за меѓугранична размена на банкарските сметки, односно на банкарските тајни.

Наместо тоа тие инсистираат Европската комисија да преговара на нови норми на транспарентност со банкарските рајски земји како Швајцарија, Андора, Монако, Сан Марино и Лихтенштајн.

Но, Унијата останува непопустлива дека даночниот договор меѓу 27 земји членки и прашањето со петте банкарски рајски земји се две различни работи. Токму тоа беше повод италијанскиот премиер Енрико Лета да се пожали на европското лицемерие.

„Идејата за намалување на даночнато затајување не е добро примена од некои, бидејќи така ќе загубат лесна заработувачка„ изјави Лета без да именува конкретна земја.

Евродипломатите велат дека денешниот самит не е дизајниран да испорача нови патишта за справување со даночните измами, туку да им даде нов поттик на оние што работат во сложената и нечиста даночна сфера.
Ханес Свобода, лидер на социјалистите во Европскиот парламент.

Ханес Свобода, лидер на социјалистите во Европскиот парламент.


„Дали навистина имаме храброст и волја да се бориме против даночното затајување? Ни треба силна акција, а не само декларации“, оцени лидерот на социјалистите Ханес Свобода на седницата на Европскиот парламент на која е потенцирано дека справувањето со овој проблем е можно само доколку сите членки на Унијата бидат вклучени во тоа.

Даночната евазија предизвика посебно внимание по скандалот со тајната сметка во Швајцарија на францускиот министер за финансии.

Пред два дена проблемот беше подгреан и кога еден поткомитет на американскиот Сенат ја обвини компанијата „Епл“ дека користи странски филијали, вклучувајќи и во Ирска, членка на ЕУ, за да избегне плаќање милијарди долари данок во Соединетите држави.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG