Достапни линкови

Политичка одговорност - што беше тоа?


Илустрација.
Илустрација.

Во повеќе од дводецениската независност на Македонија, единствен министер кој си поднел оставка е Антони Пешев, кој ја напушти функцијата по авионските несреќи во 1994 година.

Опозицијата ја бара, власта тврди дека ја понесува на избори, а експертите објаснуваат дека политичката одговорност е тешко да се дефинира во земја како Македонија која не ја практикува во секојдневниот политички живот.
Кај нас е тоа мислена именка, апстрактна именка. Најчесто се сведува на некаква одговорност каде што граѓаните ќе го казнеле носителот на функција на избори.
Билјана Ванковска, универзитетски професор.

Ние практично не можеме да се сетиме дека некој носител на јавна функција во Македонија одговарал за дело во кое можеби не е директно инволвиран и за кое нема кривично-правна одговорност, или, пак, за случувања во институцијата што ја раководи и имал должност и одговорност да води сметка за политиката што се води и за резултатите од неа, вели професор Билјана Ванковска.

„Кај нас е тоа мислена именка, апстрактна именка. Најчесто се сведува на некаква одговорност каде што граѓаните ќе го казнеле носителот на функција на избори, меѓутоа бидејќи кај нас многу брзо се забораваат нештата, таа најчесто изостанува.“
Ако се случи онаа партијата која има инструменти, има мнозинство, да ја прикрива и да не ја признава индивидуалната одговорност, тогаш се отвараат вратите за насилство, наместо политичка одговорност. Тогаш и колективната одговорност е само привидна.
Стојан Андов, долгогодишен политичар.

Долгогодишниот политичар Стојан Андов вели дека колективната политичка одговорност ја понесуваат партиите на избори, но кај нас изостанува личната одговорност. Функционерите се кријат зад партијата, вели Андов, а тоа зборува за степенот на демократија во земјава.

„Ако се случи онаа партијата која има инструменти, има мнозинство, да ја прикрива и да не ја признава индивидуалната одговорност, тогаш се отвараат вратите за насилство, наместо политичка одговорност. Тогаш и колективната одговорност е само привидна и е извитоперен, односно спротивен елемент на демократијата и нејзините потреби“, вели Андов.

Оставка, разрешување и интерпелација се дел од механизмите за понесување политичка одговорност.
Ако денеска ви се случи некаква скандалозна работа, вие веќе утре ја заборавате, затоа што таа е потисната од некоја сосема друга.
Билјана Ванковска, универзитетски професор.

„Попусто ги набројуваме овие инструменти кога не ги практикуваме. Ние не се сеќаваме дури ни на морални чинови, а камо ли на институционален исход од некакви ситуации“, вели Ванковска.

Во повеќе од дводецениската независност на Македонија, единствен министер кој си поднел оставка е Антони Пешев, кој ја напушти функцијата по авионските несреќи во 1994 година. Имало уште неколку примери кога под притисок на јавноста, министрите „срамежливо“ нуделе оставки, но премиерот не ги прифаќал.

Ја прашавме професор Ванковска, зошто тогаш граѓаните не ги казнуваат политичарите на избори за непонесувањето политичка одговорност.

„Се работи за еден политички контекст во кој ако денеска ви се случи некаква скандалозна работа, вие веќе утре ја заборавате, затоа што таа е потисната од некоја сосема друга. Имаме куса меморија, немаме доследна да речеме морална вертикала или политичка култура која кај нас како граѓани ќе значи критериум според кој ги оценуваме, не само партиите, туку и личностите кои тие ни ги пласираат.“

Дополнително, граѓаните не знаат кои механизми им стојат на располагање, па дури и кога тие се лично засегнати, вели Ванковска.

Причините за непонесувањето политичка одговорност може да се бараат и во ниското ниво на политичка култура, високиот праг на толеранција во општеството и отчетноста пред партијата, а не пред граѓаните.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG