Достапни линкови

„Соба со пијано“ на Изи за отворање на „Браќа Манаки“


Под мотото „Пушти ја светлината!“, во Битола, од 14 до 16 септември ќе се одржи 34 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Свеченото отворање на манифестацијата трета година по ред ќе биде со премиера на македонски филм – овојпат со „Соба со пијано“, последниот проект на режисерот Игор Иванов Изи.

По „Мајки“ на Милчо Манчевски и „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Соба со пијано“ на Игор Иванов Изи е третиот македонски филм со чија премиера ќе започне Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, манифестацијата што како организатор ја потпишува Друштвото на филмските работници на Македонија.
Особено ни е драго што ова стана традиција. Веќе трета година се трудиме со сите можни сили да отвориме со македонски филм започнувајќи со „Мајки“ на Манчевски, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и оваа година со новиот филм на Изи. Значи, нашата идеја не е само да ги прикажеме домашните наслови, туку и да ги добиеме премиерите на најважните македонски филмови.
Лабина Митевска, директорка на Фестивалот „Браќа Манаки“.

„Особено ни е драго што ова стана традиција. Веќе трета година се трудиме со сите можни сили да отвориме со македонски филм започнувајќи со „Мајки“ на Манчевски, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и оваа година со новиот филм на Изи. Значи, нашата идеја не е само да ги прикажеме домашните наслови, туку и да ги добиеме премиерите на најважните македонски филмови. За чудо, излегува дека од година в година задачата станува сè полесно да се реализира. Самото тоа доволно говори колкаво значење има фестивалот во очите на нашите автори“, вели Лабина Митевска, директорка на Фестивалот.
Директорката на „Браќа Манаки“ Лабина Митевска и режисерот Игор Иванов.
Директорката на „Браќа Манаки“ Лабина Митевска и режисерот Игор Иванов.

Таа дополнува дека Игор Иванов, пред три години, бил еден од првите автори учесници на иницијативата за развој на сценарио, не знае колку притоа му помогнала институцијата, но е среќна што „Соба со пијано“ не само што ќе ја има својата премиера во Битола, туку и ќе биде во официјалната конкуренција на програмата каде неговиот кинематографер и наедно продуцент Томи Салковски ќе се натпреварува за една од наградите Златна, Сребрена или Бронзена „Камера 300“.
Кога им испративме сценарио, сториборд и дел од останатите документи, тие прифатија да работат за минимални, а некои од нив дури и без хонорар само со покривање на трошоците што им беа неопходни. Инаку, морам да истакнам дека сум презадоволен пред сè од Торстен Вогеш, на пример, кој игра една исклучителна улога во филмот и неговата партнерка Ива Крајн од Словенија.
Игор Иванов Изи, режисер.

Иванов, забележува дека „Соба со пијано“ е нискобуџетен филм кој е снимен за само 28 работни дена и дека претставува студија на епизодни карактери и огледало на сета хипокризија, апсурд и на сета декаденција на генерацијата на која и припаѓа. Тој верува дека со сопствената актуелност, естетска рамка и со уникатноста, филмот ќе успее да допре до различните генерациски, социјални и културни нивоа на македонската кино публика.

Во „Соба со пијано“ играат Наташа Петровиќ, Јовица Михајловски, Светозар Цветковиќ, Васил Зафирчев, Торстен Вогеш, Ива Крајнц, Игор Стојчевски, Симона Спировска, Фирдаус Неби и како специјални гости Тони Палмер, Ханес Вегенер и Мајкл Сарн. За соработката со нив и за ангажманот на композиторот на авторската музика Чили Гонзалес, режисерот вели дека пресудни биле сценариото и пораката што со себе ја носи филмот.

„Кога им испративме сценарио, сториборд и дел од останатите документи, тие прифатија да работат за минимални, а некои од нив дури и без хонорар само со покривање на трошоците што им беа неопходни. Инаку, морам да истакнам дека сум презадоволен пред сè од Торстен Вогеш, на пример, кој игра една исклучителна улога во филмот и неговата партнерка Ива Крајн од Словенија. Торстен дојде од Лос Анџелес, а од Лондон ги имавме Мајкл Сарн и Тони Палмер. Палмер е режисер, инаку доста познат по своите музички филмови. Тој е личен пријател со Џон Ленон, а има направено и еден легендарен филм за Френк Запа.“

Инаку, со идеја да држи чекор и со традицијата и со иновацијата, 34-ти по ред Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, по ланското „Продолжи да создаваш!“, годинава ќе се одвива под мотото „Пушти ја светлината!“.

„Знаеме дека светлината е главниот двигател на филмската магија. Без светлината директорите на фотографија не би можеле да работат и што е најважно без светлина едноставно би немало живот. Токму поради тоа мотото на најстариот фестивал на филмската камера е „Пушти ја светлината!“, заклучува Митевска.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG