Достапни линкови

logo-print

Околу 70 тутунари од прилепско, кооперанти на Центро Табак веќе петти месец чекаат да им биде исплатен родот.

Прилепчанецот, Зоран Маркоски има 55 години, а тутунопроизводството е исткаено со неговиот живот. Егзистенцијата за своето 4-члено семејство ја обезбедува со производство на тутун, по полињата, на пеколно сонце се печи од утро до мрак, само за да заработи денар повеќе, за еден нормален живот. Но, не успева. Лани посадиле неколку декари тутун, одлучиле да го предадат на велешкиот Центро Табак, во пунктот во Неготино. Но, немале среќа да си ги земат, еве петти месец чекаат да им биде исплатен родот.

Некаде 2 тона, два и двесте предадов, имам земено 2,5 илјади евра, уште 4 илјади евра, а имавме трпение еве чекавме, месец, два, три, 5 месеци еве изминаа, утре ќе платиме, другиден, по една недела, по две недели, и не знам што треба уште, и не знам што да се чека, ова веќе премина преку граници сето, а сметките си идат за плаќање, на извршно ме дале, камати плаќам, а со што ќе му платам.
„Некаде 2 тона, два и двесте предадов, имам земено 2,5 илјади евра, уште 4 илјади евра, а имавме трпение еве чекавме, месец, два, три, 5 месеци еве изминаа, утре ќе платиме, другиден, по една недела, по две недели, и не знам што треба уште, и не знам што да се чека, ова веќе премина преку граници сето, а сметките си идат за плаќање, на извршно ме дале, камати плаќам, а со што ќе му платам“, се жали Маркоски.

И други 70-ина тутунари од прилепско, кооперанти на Центро Табак се соочуваат со иста мака.

„Требаше да ги исплатат за 7 дена, а станаа 170, немаме денар земено, нешто имаат дел пуштено 70 отсто, а поголемиот дел немаат земено ни денар. Побаравме одговор од таму“, вели Горан Јанкулоски од прилепското село Загорани.

И Јонче Илиоски реагира, зашто, како што вели, е земјоделец, со сопругата живеат од тутунопроизводство и парите им се потребни за оваа реколта.
Требаше да ги исплатат за 7 дена, а станаа 170, немаме денар земено, нешто имаат дел пуштено 70 отсто, а поголемиот дел немаат земено ни денар. Побаравме одговор од таму.

„Мене ми имаат исплатено 70 отсто, уште 30 отсто, 30.000 денари или 500 евра, и тие се пари кои требаат, моментално ни се потребни како производители, а од 16-ти јануари ми е однесен тутунот“, вели Илиоски.

Од Сојузот на тутунски здруженија на Македонија велат дека им е познат проблемот, и дека постојано бараат решение со раководните луѓе на магацините во Неготино.

„Тутунот е обработен, во Неготино се наоѓа, уште 75 тони не е исплатен, нема шанси да излезе од фабриката сè додека не се исплатат, обесштетат овие тутунопроизводители. Во контакт сме секојдневно со директорот од Неготино, додека директорите од Центро Табак веќе не се јавуваат, знам дека лиценцата нивна е одземена, тие веќе не работат“, истакнува Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.

Додека тутунарите бараат помош од Министерството за земјоделство, од Сојузот тврдат дека парите ќе бидат исплатени. А, надлежните од Центро Табак и покрај настојувањата остануваат недостапни за одговор кога и како ќе им бидат исплатени парите на прилепските тутунари. Според Сојузот, овој откупувач, бидејќи нема бонитет, не е ниту на листата на откупни фирми за новата реколта годинава.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG