Достапни линкови

Бугарија и Романија сè уште бараат прием во ЕУ


Бугарија и Романија пред шест години станаа членки на Европската унија, но сè уште се далеку од „срцето на Европа“, како што некогаш се нарекуваше нивниот прием во Унијата. Скоро секојдневно нивните европски партнери си го поставуваат прашањето - дали беше мудро што тие воопшто влегоа во Европската унија со оглед на големата корупција, криминалот и илегалната миграција.

Членството на Бугарија и на Романија во Европската унија не значеше и билет во една насока за нивната демократска стабилност, економски пораст и поголеми можности за сите.
Бугарите и Романците би требало да бидат повеќе разочарани од нивните сопствени лидери и политичари отколку од институциите на Европската унија.

„На Европската унија се гледаше како на некакво златно виножито на хоризонтот“, вели за Ројтерс, Аманда Пол, експерт за Источна Европа во врска со тоа како Романците и Бугарите си ја претставуваа Унијата пред да станат нејзини членки.

Сепак, според неа, тие добија со влезот во Унијата, но сè уште се соочуваат со демократски дефицит.

„Бугарите и Романците би требало да бидат повеќе разочарани од нивните сопствени лидери и политичари отколку од институциите на Европската унија“, додава таа.
Но што да се прави. Историјата не може да се врати назад. Бугарија и Романија се членки на Европската унија. Другите земји треба да ја прифатат таа реалност и да работат таа да функционира, без оглед на тешките предизвици.

Без оглед дали живеат во нивните домови во југоисточната европска периферија или работат во Брисел, Романците и Бугарите имаат големо чувство на изолираност.

И покрај тоа што нивните примања, од влезот во Унијата се зголемија за 30 насто, а можностите да работат во Европа им пораснаа тие сè уште чувствуваат дека не се целосно интегрирани во Унијата.

И двете земји остануваат надвор од Шенген зоната, а плановите за прифаќање на еврото се одложени за некое друго време.

„Ние сме граѓани од втор ред и сме исклучени од големите одлуки што се носат во Брисел“, вели Јон Мициу, инженер од Букурешт.

На самитите на Унијата, лидерите на Романија и на Бугарија ги имаат истите можности како и нивните колеги, но кога ќе дојде време за решавање тогаш воопшто не фигурираат. Ова особено било случај во изминативе три години на економската криза.

„Кога ќе дојде време за големи одлуки, тогаш тоа станува игра за големите, па така кога се решава за буџетот, Романија и Бугарија добиваат само остатоци“, вели еден дипломат во Брисел за нивниот недостиг на влијание.

В недела во Бугарија ќе се одржат парламентарни избори на кои централно десничарската партија на експремиерот Бојко Борисов би требало да победи, иако не така убедливо за самостојно да формира влада.

Тоа ги зголемува изгледите за натамошна политичка несигурност во земјата, како и сомневањата за спроведување на економските реформи. Токму тоа ќе придонесе за натамошно придушување на бугарскиот глас во Брисел.

„Ние всушност се занимаваме со земја од Дивиот Запад“, оценува еден дипломат на Европската унија кој е задолжен за Источна Европа, образложувајќи ги неговите сомневања за бугарската способност да спроведува закони и да живее според демократски норми.

„Но што да се прави. Историјата не може да се врати назад. Бугарија и Романија се членки на Европската унија. Другите земји треба да ја прифатат таа реалност и да работат таа да функционира, без оглед на тешките предизвици“, додава дипломатот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG