Достапни линкови

Европската федерација на новинари реагира на нападот на власта врз ССНМ


Европската федерација на новинари(ЕФН) реагира на нападот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ врз Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Повод за реакцијата на ЕФН е неодамнешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ во кое ССНМ се нарекува таканаречен синдикат кој е самостоен само во својот назив.

Во писмото адресирано до премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и до директорот на Центарот за комуникации на владејачката партија Илија Димовски, претседателот на ЕФН Арне Кониг пишува дека Федерацијата била изненадена од исклучително негативните коментари за ССНМ.

„Сметаме дека на ваквата изјава од политички лидер ѝ недостасува почит кон работата, ако не дури и кон самото постоење на синдикатите во државата, во момент кога Парламентот и граѓанските организации дискутираат за нацрт-закон што ќе ја одреди иднината на медиумскиот пејзаж. Како Европска федерација на новинарски организации, ние целосно го поддржуваме ССНМ во неговата напорна работа за права на новинарите на работното место, во правната средина и во општеството како целина. Имајќи ја лично видено работата на ССНМ и неговото раководство во Скопје, би сакал да додадам дека нивната самостојност е всушност од огромна вредност во високо политизираниот контекст на Република Македонија“, пишува Кониг.

Тој посочува дека ЕФН ги поддржува медиумските реформи и дијалогот помеѓу неговите две членки – Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари, како и властите на Република Македонија.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го нападна новинарскиот синдикат, откако ССНМ по повод Светскиот ден на слободата на печат - 3 мај, ги повика порталите да ги затемнат 24 часа своите страници во знак на протест поради новиот закон за медиуми кој претендира да го регулира и интернет просторот.

„Таканаречениот Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници предводен од Тамара Чаусидис, очигледно е дека единствената своја самостојност ја има исклучиво во својот назив. На целата јавност во Македонија и е кристално јасно дека овој т.н. синдикат не е ниту самостоен, ниту независен. Тој од ден на ден станува се повидлив продолжеток на СДСМ за манипулација врз јавноста“, напиша ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
XS
SM
MD
LG