Достапни линкови

Сирија: Израелскиот напад е објава на војна


Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун предупреди на ескалација на сиријската криза откако Израел во изминативе денови на два пати бомбардираше цели во близина на Дамаск. И додека арапските земји ја осудија ваквата акција, Белата куќа оцени дека Израел има право да презема акции за заштита на својот народ.

Израелски официјални претставници соопштија дека цел на нападите биле ирански ракетни постројки наменети за милитантите на Хезболах во Либан. Станува збор за постројката во Џамраја која и на 30 јануари годинава беше цел на израелски напади.

Владата на сиријскиот претседател Башар ал-Асад, пак, го обвини Израел дека со ова им помага на исламистичките терористи на Ал Каеда. Според сиријскиот режим, сега се отвора вратата за соодветен одговор.

„Кога Сирија ќе одговори на оваа агресија? Ќе одржиме серија консултации со нашите сојузници и пријатели во светот, вклучувајќи ги Русија, Кина и Иран како и оние во регионот. Верувам дека владата може да одговори и со директен воен удар“, изјави пратеникот во сиријскиот парламент Фејез ал Сајех, додавајќи дека израелскиот напад претставува објава на војна.

Вчерашното бомбардирање предизвика и остра регионална реакција. Иранското министерство за надворешни работи побара земјите во регионот да застанат против Израел.
Кога Сирија ќе одговори на оваа агресија? Ќе одржиме серија консултации со нашите сојузници и пријатели во светот, вклучувајќи ги Русија, Кина и Иран како и оние во регионот. Верувам дека владата може да одговори и со директен воен удар.

Според официјален Техеран, ваквата израелска агресија била пресметан обид за креирање регионална нестабилност.

Египет и Арапската лига побараа од Советот за безбедност на Обединетите нации акција за запирање на израелските акции против Сирија.

За Кабинетот на египетскиот претседател, воздушните напади се кршење на меѓународното право, додека Арапската лига оцени дека тие се опасно нарушување на суверенитетот на една арапска држава.

Од друга страна, американската Бела куќа соопшти дека Израел има право да презема акции за заштита на сопствениот народ.

Претходно, во едно од неговите ретки појавувања во јавноста, сиријскиот претседател Башар ал-Асад изјави дека режимот нема да попушти пред бунтовниците и нивните странски помагачи.

„Низ историјата и низ културите, тероризмот беше оружје на кукавичлук. Само оној кој е слаб и кукавица користи тероризам. Затоа тие напаѓаат студенти и учители, но кога ќе је видат сиријската војска бегаат. Тие се плашат од знаење и од нормален живот“, изјави ал-Асад.

Во меѓувреме, главниот иследник на Обединетите нации Карла дел Понте соопшти дека постоеле докази кои укажуваат оти сиријските бунтовници користеле хемиско оружје.

Дел Понте, која е член на независната Комисија на Светската организација за Сирија, изјави дека иследниците разговарале со жртви на вакви напади кои пребегале во соседните земји, како и со лекарите кои ги третирале.

Нивното сведочење, според дел Понте, сугерирало дека бунтовниците во Сирија користеле отровен гас сарин. Таа исто така додаде дека Комисијата досега немала докази оти и сиријските владини сили употребиле хемиско оружје.

Сиријскиот режим и бунтовниците меѓусебно се обвинуваат за користењето отровни гасови. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека тоа ќе биде црвената линија која ќе значи и промена на курсот во врска со меѓународната интервенција во Сирија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG