Достапни линкови

Фридом хаус - Пад на слободата на медиумите во светот


Во светот во текот на минатата година е забележан пад на медиумската слобода, а процентот на популацијата која живее во земјите со целосно слободни медиуми падна на најниско ново во изминативе 16 години. Ова се наведува во извештајот на организацијата Фридом хаус во кој се додава дека ситуацијата со слободата на медиумите во Македонија е една од најлошите на Балканот.

Причините за ваквиот пад вклучуваат зголемена софистицирана репресија на авторитарните режими врз независното новинарство и новите медиуми, бран ефекти од европската економска криза, предизвици поврзани со финансиската состојба на печатените медиуми, како и закани од недржавни актери како радикалните исламисти и организираниот криминал.

Од 197 земји и територии, 63 или 32 насто се оценети како слободни, 70 земји се делумно слободни, а 64 како неслободни.

„Во однос на населението, сликата е многу поцрна. Најдовме дека помалку од 14 насто од светското население живее во земји со слободен печат, додека по 43 насто во земји кои се делумно слободни или неслободни“, вели Карин Карликер, проект директор на извештајот на Фридом хаус.

Најлошо рангирани се Белорусија, Куба, Еритреја, Иран, Северна Кореја, Туркменистан и Узбекистан.
Владите ги напаѓаат новинарите, правно и физички, и тоа често е на насловните страници. Но, има и бројни не толку познати, но исто така многу злобни фактори што стојат зад ерозијата на слободата на печатот во светот. Например падот на националните економии и активирање на разни групи на организираниот криминал.

Во овие земји независни медиуми или воопшто не постојат или имаат тешки услови за работа.

„Владите ги напаѓаат новинарите, правно и физички, и тоа често е на насловните страници. Но, има и бројни не толку познати, но исто така многу злобни фактори што стојат зад ерозијата на слободата на печатот во светот. На пример падот на националните економии и активирање на разни групи на организираниот криминал“, вели Карин Карликер.

Во извештајот на Фридом хаус, меѓу другото, се посочува дека медиумите во Русија, Венецуела, Еквадор и Украина, поради големата владина контрола, не биле во состојба да ја одиграат клучната улога во обезбедување слободни и фер избори.

„Ние исто така видовме дека влијателните авторитарни држави како Кина и Русија користат разни техники за да ги држат под своја контрола медиумите. Меѓу нив притворање и покренување обвинувања против критичарите и цензурирање и контрола на она што се објавува“, додава Карликер.

Исто така и економските фактори негативно се одразиле врз медиумската слобода во многу демократии.

Тоа осоебно било нагласено во Грција, Италија и Шпанија, каде што медиумите се најдоа под финансиски притисок.

Така Грција од земја со слободни медиуми се најде во групата на земји со делумна слобода. Во ова група е и Италија. Што се однесува до регионот најдобро рангирана е Словенија, на 40 место и таа единствена е оценета како слободна.

Србија се најде на 74 место, заедно со Унгарија и Црна Гора, Бугарија на 77, Хрватска на 81, Грција на 83, Романија на 86, а Албанија, Босна и Херцеговина и Косово на 90 место.

Македонија е најниско рангирана земја во регионот на 120 место кое го дели со Турција, Конго, Фиџи, Либерија и Сејшели. Во ланскиот извештај на Фридом хаус Македонија беше на 115 место кога имаше 54 поени на скалата од нула до 100. Во најновиот извештај Македонија има два поена повеќе и е една од најлошите земји на Балканот.

Најдобро пласирани се Норвешка и Шведска кои го делат првото место со по 10 поени, по што следуваат Белгија, Финска и Холандија.

Фридом хаус е невладина организација основана во 1941 година која ги истражува и промовира демократијата, политичките слободи и човековите права во светот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG