Достапни линкови

Грција за прв пат ќе отпушта државни службеници


Протести пред грчкиот парламент во Атина, 28.04.2013.

Протести пред грчкиот парламент во Атина, 28.04.2013.

Грчкиот парламент синоќа го усвои законот со кој се овозможува до крајот на идната година да бидат отпуштени над 15 илјади државни службеници. Тоа ќе бидат први откази во јавната администрација во повеќе од еден век.

По жешката дебата на итната седница, 168 пратници гласаа за, а 123 беа против законот кој е дел од напорите на владата да ги намали трошоците и да обезбеди продолжување на исплатата на меѓународната помош.

Со новиот закон се поништува гарантираното доживотно право на работа во преобемниот грчки државен апарат.

Имено, постојаноста на работните места на државните службеници беше содржана во сите Устави од 1911 година, како еден вид заштита од масовни отпуштања и реваншизам кога се менува владата.

Со законот се предвидува до крајот на идната година отказ да добијат 15 илјади луѓе. Само годинава ќе бидат отпуштени 4 илјади службеници со цел да се исполнат условите што на Атина и ги поставија меѓународните кредитори доколку сака да продолжи да добива финансиска помош од нив.

Синдикатите го осудија ваквиот чин на владата оценувајќи дека со тоа се расклопува јавниот сервис и се уништува благостојбата на државата. Според нив, на ваков начин само се влошува и онака страшната стапка на невработеност која моментално изнесува 27 насто.

„Минуваме низ многу тежок пат, но ова ќе биде успешна приказна“, изјави премиерот Андонис Самарас по усвојувањето на законот.

Кратењето на претешкиот јавен сервис е услов за ослободување на следната транша помош од таканаречната „тројка“ ММФ, ЕУ и ЕЦБ, од 8 милијарди и 800 милиони евра.

Минуваме низ многу тежок пат, но ова ќе биде успешна приказна.
На Грција пред три години и е ветена помош од 240 милијарди евра за да избегне банкрот, се разбира доколку спроведе остри мерки за штедење.

Со новиот закон се забрзуваат процедурите за отпуштање во јавниот сектор, што досега беше невозможно.

Први на удар ќе бидат вработените кои биле дисциплинирани за корупција или за неспособност, како и оние чии сектори се предвидени за затворање.

Исто така се зголемува бројот на работни часови за учителите, се создаваат услови за поголема конкуренција, се намалува контроверзниот данок на имот и се поставуваат нови услови за плаќање на неплатените даноци. Сето тоа би требало да и помогне на владата поефикасно да ги наплаќа даноците.

Всушност Законот има многу неповрзани одредби, но е составен како единствен документ со цел побрзо да мине во грчкиот парламент.

Најголемата опозициска партија, радикалната левица Сириза, се обиде да го блокира донесувањето на новиот закон, оценувајќи го како противуставен, а забрзаната процедура ја оцени како парламентарен државен удар.

Министерот за финансии Јанис Стоурнарас, технократ во конзевративната влада на Самарас изјави дека итната сесија на парламентот беше неопходна, бидејќи неговите колеги од еврозоната мора денеска да донесат одлука за продолжување на заемот најпрвин од скоро 2,8 милијарди евра што и е итно неопходен на Грција за исплата на платите и пензиите.

Потоа евроминистрите на 13 мај треба да го ослободат и преостанатиот дел од траншата од 6 милијарди евра.

Опозициските партии исто така го осудија и амандманот со кој минимумот месечна плата се намалува од 580 на 490 евра.

За време на седницата пред парламентот во Атина протестираа неколку стотици луѓе.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG