Достапни линкови

Ако Србија го отфрли договорот со Косово ќе стане „европска Северна Кореја“


Српскиот премиер Ивица Дачиќ го повика Парламентот да го поддржи договорот за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, постигнат во Брисел со посредство на ЕУ, предупредувајќи дека неговото отфрлување ќе ја претвори земјата во „европска Северна Кореја“.
Бриселскиот договор е можност Србија да се обиде на друг начин да ги брани своите национални и државни интереси, а не да го празнува поразот, изјави Дачиќ на специјалната седница на Парламентот, на која пратениците треба да го гласаат договорот со Приштина.
Според српската телевизија РТС обраќањето на Дачиќ било проследено со исвиркување од пратеници од Демократската партија на Србија, кои се против договорот, но и со бурни овации.
Пред почетокот на дебатите, неколку стотини приврзаници на крајнодесничарските движења „Наши“, „Двери“ и „Образ“ се собраа на митинг пред зградата на Парламентот.
Тие скандираа „Косово е Србија“ и ги нарекоа пратениците од главните политички партии „предавници“. Кон митингот се присоедини и Српската радикална партија.
Зградата на Парламентот е опкружена од полициски кордон, а движењето по околните улици е блокирано, додека продолжуваат дебатите по Бриселскиот договор.
XS
SM
MD
LG